нарасне (св.)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Нивните напори вродиле со плод и во втората половина на XIX век значително нараснал бројот на училиштата.
„Џебна историја на македонскиот народ“
од Група автори
(2009)
Веќе имам нова која ми нараснува во џебот.
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Беше влажен. Во него нараснуваше врелина и бараше излез.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Веднати, тие се губеа во високо нараснатото жито и само одвреме-навреме по некој ќе се исправеше колку да излезе од заветот, каде што беше пеколно горешто, и да го фати малаксаното ветре.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Ја побркал мерата дури кога син му нараснал.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Беше уште едно оружје на неговиот род, се радуваше, загледан во раѓањето на своето малечко, црвеникаво огне, што почнуваше да живее и да нараснува, превивајќи се околу сите сурови гранчиња, и плискајќи му ја во лицето својата тивка, лековита топлина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Но, ни тоа не потраа толку долго, колку што беше потребно, за да го узрее во себе дури ни тоа чувство, кога виде како по снегот наоколу почнуваат да се редат едно по друго и да нараснуваат во приближувањето десетина издолжени црни тела, сите со муцките впиени во сиромашката миризба на крвта, чиниш врзани за тоа испружено тело во снегот со некакви невидливи врвки, кои некој сега сите заедно ги повлекуваше.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Причините за постојано присутната криза на слатка вода лежат во преголемото трошење на водата, за наводнување на огромни комплекси земјишта, за електро-енергетските централи и за сѐ појаката индустријализација, како и во нараснување на потрошувачката на вода за комуналната хигиена.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Продолжуваше само да гледа во густите роеви снежинки, во чие што виорење не постоеше никаква разлика од вчера, завчера, чиниш денеска воопшто не беше некој друг ден, погледот пак му заскитуваше во таа маглива, бела шума од снег, еден болен човек со она чувство за умирањето во своите мускули, нараснато во него повисоко од неговите рамена.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
СТЕВО: Тоа е бабина деветина. Празно верување дека ако некому му влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расте и нарасне толкаво да го угуши човекот.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Грижата на совест нараснува до самоуништување, јас морав да си признаам дека концептуалната имагинација произлегува од дното на немоќта и на наследната неплодност.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Низ решетките на прозорецот протече млака наквечерина; нараснуваше полека и ја голташе тишината станувајќи и самата тишина.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Тупите завивања во стомакот нараснуваа дури откако ќе застанеше да здивне, но тој секогаш им избегуваше ним.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Мотивите нараснаа во јасни опсесии: водата и давењето, птици, катастрофи од историјата на природата, тајни заговори.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Сега беше пак тој топол јужен ветер, неспоредливо нараснат и го постилаше небото во сета негова шир со својот мек млечен допир.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
По патот најпрво се зачу брмчење, кое сѐ повеќе нараснуваше, а потоа на кривината се покажа камион со неколкумина Германци.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Пепел и плева грабаше од водоскоците жито што во гумната на Имотот и чифлизите еден за друг прскаа право пругоре (раетините го вееја житото а спахиите, во сенките на дрвјата и во сенките на новите копи што со секој изминат час нараснуваа и нараснуваа, се сладеа со шербет, студена вода и татли кафе) и ги развеваше на сите страни, па воздухот во Потковицата беше исполнета со пепел и плева, со мирис на младо жито и тишина.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Што се однесува до индуктивниот поглед врз светот на разнообразните нешта, кој татко ми, како што реков, ми го всади порано и подобро од сите професори – него го користам често, некогаш и не сакајќи - на пример, кога минувам по улици и ...уште една згазена мачка од синоќа – малолетните камиказе возачи станаа сообраќаен терор – нормално кога улиците се претесни – урбанистите пред десетина години не мислеа дека градот сосе сообраќајот толку ќе нарасне – метро?, но подземјето на градот е преполно со цевки и жици...итн. или...во центарот на градот, во паркчето меѓу градските кули, додека мирно си седам на клупата, нешто остро ме пецнува по левата нога – од некој кат, од некоја од околните висококатници, некое дете пукало со воздушна пушка во мене – децата некогаш гаѓаа врапчиња, а сега луѓе – нормално, сѐ подоцна легнуваат, сѐ подолго го преспиваат денот, а кога ќе се разбудат, се нервозни и лути – а што ако наместо во нога ме погодеа во око, кој ќе ми помогнеше? – зошто ниедна влада во оваа држава не го регулира ноќе времето до кога малолетниците можат да останат во кафулиња – итн...итн...
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Како да нараснува лавина пред нив, очилата се замаглуваа. Се усвитуваа. Белината од нив скоро чадеше.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)