насмее св.

насмее (св.)

Де, бре, кај ја отера, му се насмеале луѓето, ако треба да ти попуштиме!
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Имаше кучешка муцка која се обидуваше да се насмее, но никогаш не го правеше тоа, задржувајќи ги кисело развлечените усни како оптегнат ластик подготвен во секој миг да се ослободи од стрелата свртена кон оној што беше пред него.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Стисна заби од болките и ја развлече устата да се насмее.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Кога ќе се насмее мислиш со две усти се смее.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И таа ќе се сети и ќе се насмее.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ти ли си ми сега таа слатка болка што здивот ми го одзема кога ќе се насмеам?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Му иде и тој да се насмее, но нему и насмевката не му е искрена.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Всушност обидот да се насмеам на несоотвеноста на наредбата да чекам, што втаса низ ходникот заедно со ситните чекори на Росана, беше причината повторно да го почувствувам истиот оној давеж во грлото што пред малку ме сепна на влезот.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Костадин но и Петар беа момци со посебен оштар дух, имаа огромен репертоар на вицови, анегдоти и досетки и секогаш знаеа многу вешто да ги поврзат или да се инспирираат од темата на разговор и да ги насмеат соговорниците.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Другите кисело се насмеаја над мојата згрченост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И на ова возрасните пак се насмеаја.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Ги стискав забите за да не се насмеам. Не знаеја дека го запрев дишењето легнувајќи на дното на реката.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
— И се насмеаја обајцата, држејќи си ги веќе десните раце и стискајќи ги еден на друг што поцврсто.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Зафрлајќи ја шапката на тилот, братот одмавна со раката и се насмеа.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Се насмеа под мустак и дрмна огромна голтка од бучкуруш виното Смрдевка.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Никифор Правдољубивиот ќе забележи дека овој непомирлив противник на схоластиката, еден од најсамосвојните ученици на Музеумот, знаеше со иста непосредност да ги толкува Еуклидовната геометрија, Никомаховата теза за априорната егзистенција на броевите во духот на Творецот, најсуптилните финеси на античкиот јазик или да насмее со импровизираниот мим, често пародирајќи се и себе си како несмасен трговец.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
- Ехе! – се насмеа белиот патник пред ококорените неизмиени сиромаси – иако не верувам дека сум токму тој што си го замислувате, ќе се обидам да ви донесам троа радост и среќа, особено на вашиве дечиња!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Затоа можеби и му се сторило - ако игуменијата се насмее, усните ќе ѝ испукаат на сите оние места кај што биле испресечени со танки женски брчки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Чудно ми зборуваше. Морав дури да се насмеам... Ми рече да не се плашам и да фрлам вода во огнот...
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Повеќе