натопи (св.)
Наоколу правта и земјата биле натопени со крв.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Ископајте длабок бунар извадете ладна вода натопете лути рани да не горат, да не болат.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
И ако замислиш нема педа земја што не е натопена со човечка крв и нема чекор земја во која не лежи закопан човек...
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Дождот сѐ повеќе ја пробива короната на борот и сѐ повеќе го натопува Богдана.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Брго-брго се испрепелал над истурената вода Силјан, арно ама немаше да се натопи барем ич и си остана пак штрк.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Чалмата ја поттури под крвта и таа брзо се натопи.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Добра беше таа. Од последниот грст брашно му меси леб, го прекрсти и го натопи со солзи, потоа му го предаде со благослов.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
- Да ја испржевме и да го натопевме, па да видиш како ќе се лизгаше низ грлото.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Бев истоштен. Облеката на мене беше натопена со некоја студена, леплива течност.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Имаше натопено многу високи ѕидови, имаше соѕидано многу зданија со својот малтер, во многу градови по главните улици стоеја градбите во кои тој имаше соѕидано многу свои денови, заедно со тешките копанки, а од сето тоа имал само едно уште пониско рамо и само толку заработка, за едвај да може да дочека додека не се започнеше некоја нова градба во тој, или во некој друг град, сеедно.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Бездруго треварите Никола Влашки и Пандил Димулев му ја натопиле сета облека од безбојни крпи со густ шарлаган од сончоглед, од кикирики и од афионово семе.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Чувствувајќи како дождот сѐ повеќе го натопува, се пренесе во времето кога ја погребуваа баба му Депа кога исто вака туриваше силен дожд, а тој одеше во погребната поворка фатен за раката од мајка му, дождот му плускаше по главата, по телото, му се лизгаше по кожата и му слегуваше низ нозете во опинците; погледнуваше повремено во баба му во ковчегот што го носеа луѓето на раце: и нејзиното лице дождот го миеше, се лизгаше по него како по восок и ги натопуваше цвеќињата и овошките во сандакот; лееше на попот и му ја гаснеше кадилницата со која штркаше по ковчегот и пееше за покој душа, лееше на луѓето што одеа со наведнати глави.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Тој стана, го извлече пешкирот под перницата, го натопи со вода и му го стави на челото. - Треба да подремнеш. Моите брборења те растроија.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Дробни солзи заронувам, Чаша солзи наполнувам, Бела риза натопувам, На гради ја исушувам.
„Парите се отепувачка“
од Ристо Крле
(1938)
Кога лебот доволно се натопи во маслото и во колибата замириса на пржено, Бојан изрона одозгора и парче сирење, па пак ја стави тавата на огнот, убаво разбркувајќи го со лебот.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Можеби само тој знаел дека дел од облеката му е натопена со газија.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се фаќаше во орото на свадбата и играше, скокаше до распаѓање; кошулата неколку пати му се натопуваше со пот и му се сушеше; го сучеше орото, а луѓето притрчуваа со плоската пијалок, му ја пикаа в уста и му ја гасеа жедта.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ооооууууууу, ооууу, ооууу... А по сиот него, продирајќи и во најситната пора во неговото тело, натопувајќи ја секоја келија од него, пребликнуваjќи во секоја празнина од неговите болки, заплисна еден бран од некаква чудесна топлина, која што можеше да биде и болна но која прилегаше и на некакво наситено заплиснување со мед. Оооооооуууууууу...
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Кожата околу раната грижно ја натопи со мек памук, млака вода, портокалово- црвен сублимат.
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
Ја напуштија Маргара, оставајќи ги своите осум другари да ја топат со својата топла крв и оваа чука, како Соколот што го натопија Манол Разов и двата четника Толе ги пречека војводите над самото селце Орле, на преслапта „Мал Гарван", со сите останати четници.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)