ненаметлив (прид.)
Поезијата е онаа состојба на духот на творецот во која дури и најморничавите мигови од животот се преточуваат во своевидни метафори, алегории или други стилски фигури сосема ненаметливо и спонтано.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
На татко ми му помагаше во средувањето на сметките од дуќанот и во пополнувањето на даночните формулари, што нему му создаваа нервози и нерасположенија. Рашела едноставно стана дел од нас, тивка и ненаметлива, ни се наоѓаше на сите, а најмногу на мајка ми.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Со тивка, ненаметлива упорност, во залезните години на животот, сакаше да нѐ доближи до својата некогашна одисеја и големите тајни на животот, но тоа го чинеше со многу такт за да не влијае на однесувањето и постапките на своите блиски, потомците.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Нејзината отвореност беше мала, кружна и речиси ненаметлива - слично на дупчињата за антена кои татковците ги прават со позајмени алатки, не сакајќи да повикаат мајстор.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
И Татко го чувствуваше ненаметливиот притисок на Мајка и децата да заврши тајниот пакт со Камилски.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Всушност, неговата незавршена книга можеше да се смета и за еден вид дискретен и ненаметлив апел до идните генерации дека Балканот треба да почне да ја пишува својата историја низ бројните документи и сведоштва, наместо да чека да ја пишуваат новите победници! Новите јаничари...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Блиску до интересот на поетесата Олга Наумовска мотиви од цврстата љубов кон татковината, мотиви од вестените интимни победи на срцето, блиско ѕиркање во структурираните поетски форми од типот на хаику песни, но и детската разиграност исполнета со блага ненаметлива рима и изрази кои соодветствуваат со совремието во кое живееме.
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Чиста, средена, ненаметливо осветлена и од звучниците сместени во аглите тивко се разлева песна. Звучи многу познато и дејствува смирувачки.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Имаше во тие тешки сталински денови, кога со интелектуалците лесно можеше да се пресмета штотуку создадената работничка класа со неуките, ограничени секретари на чело, една тивка, ненаметлива, но сеприсутна солидарност од сите страни со Игора Лозински, со неговото дело и со мисијата на Цветана Горски.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Сите ние, ненаметливо, ги зголемувавме Мајкините средства наменети за сиромашните од нејзината улица.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Ценевме дека токму со ваквиот пристап [„лаичка“ наративна верзија + стручен текст во фуснота] ќе ја постигнеме нашата основна цел: текстот да биде лесно „сварлив“ за читателот кој не е правник, односно да не биде премногу правнички, несфатлив и тежок за читање; додека, пак, стручната компонента од анализата да биде дадена во една интервентна и ненаметлива форма, кон крајот на текстот – за да не преминеме во друга крајност, којашто ќе ја девалвира професионалната вредност на трудот.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
Метафорична поезија создава ненаметлив свет од естетика, што како своевидна опсервација на животот, ги ослободува страста, емотивноста, луцидноста и пред сѐ искуството.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
Беше тоа крајот на медитеранското лето во Струга, но еден нов почеток на едно пријателство кое подоцна ќе се влее со својата дискретна и ненаметлива присутност и во моите дипломатски години, во заедничката потрага по убавината и толерантноста на човекот кога страда, кога трага во неговата поширока смисла и хармонија во потрага по заедничкиот излез ...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И оттогаш останав во трајно и ненаметливо пријателство со Махмуд Дарвиш, посебно со неговата судбина, која на одреден начин ме следеше и во моите дипломатски мисии, посебно како амбасадор во државата Палестина, која постоеше посилно во надежите на нејзините поданици отколку во реалноста...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Како што дојде тивко и ненаметливо, така тивко и без збор си отиде жената.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
XXIII Не затворај ја вратата Не губи се во заборав... Махмуд Дарвиш Во моите дипломатски години во Картагина, како амбасадор во државата Палестина, како и во Тунис, беа од посебно значење во формирањето на претставата за Палестина, за нејзината борба за признавање и независност, за нејзиното движење на чело со Јасер Арафат, за личноста, животот и поезијата на Махмуд Дарвиш, овековечени со нашата прва средба во Струга, во август 1978 година, а потоа и со нашето долговечно и ненаметливо пријателство.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Својата потрага Рада ја започна преку еден свој пријател од детството, тивко и ненаметливо.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Јас би рекла дека секогаш беше сурово чесен и ненаметлив.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)