непокорен (прид.)
Кој каде се наоѓаше бараше камења да се нафрли на бунтовниците и со тоа да си го излее јадот над овие непокорни ѓаури.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Ја допрев со прсти болката во слепоочниците и ми се стори дека врвовите на пораснатите нокти ја минуваат коската и растат зад неа криви, непокорни и готови да искинат сѐ што е во мене, и жиличе и мисла.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
И кога ноќе, шепотејќи со дланка на уста молитви, ќе се сетел за таа глава, умирал; не можел да не мисли дека нејзиниот труп гние во призрачната куќа-кула чија чкртава врата непрекинато ја отворал и ја затворал лут северен предвесник на долга и тешка зима низ чии виулици ќе се тетерави безглава сенка на еден непокорен поет, оној што пеел помеѓу истрели за своите неродени деца и за нивната непозната мајка меѓу ѕвезди и сини пеперуги.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во таа ноќ додека главите на непокореноста заседавале, помеѓу две ѕидни ламби во куќа на угледен домаќин, меѓу нив и Питу Гули со пресна дупка од куршум во слабината, некаков Татар или Монгол или Черкез и пак со име Татар, турски дезертер и негов приврзаник, му го повел белиот коњ да го напои од бигорното корито на чешмата во дворот на една од неколкуте цркви.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Физичка и метафизичка непокорност. Дали тоа би можело да биде корисен предмет?
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
Глигор тоа не можеше да го стори, тој ја чувствува како се расплиснува крвта, како лудо удире во слепите очи и таа непокорност на крвта го тера да ја бара вистината за човечката совест.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Тоа беа офанзиви над народната војска, над жени и деца, над старци, над куќи и кошари, над добиток, офанзиви над момински и невестински ковчези. Заедно со војската која што отстапуеше од селата во планините бранејќи ја секоја попалена куќа и плевна - се точеа колони од испиени, но непокорни лица.
„Од борбата“
од Блаже Конески
(1950)
Во него авторот и се враќа на својата омилена тема, македонската национална историја, односно на еден од најголемите нејзини непокорни синови Гоце Делчев.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Навистина, си изгледам буденброковски во сивото, сомотско куќно палто на татко ми, готов да го отпочнам разоткривањето на возбудливите моменти од семејната хроника, поткрепени со пожолтените фотографии, преполнети полици на библиотеката, заладеното вино во посребрените чаши: Убиството на прадедото Хаџи-Васков, прикажано во вечерашнава верзија со посебен нагласок на величествениот предсмртен гест кон атентаторот, - „Нека ти е простум, синко, ни самиот не знаеш што правиш“, ја тера Ева III, да ме стисне за рацете, а штом минувам на единствената љубовна приказна за Ѓорѓи, непокорниот син на Прокопија и српската учителка, мојата ноќна посетителка, сѐ уште цврсто држејќи ме за рацете, клекнува пред фотелјата и оддолу, ги впива секој збор во ширум отворените очи.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Прашањето постојано, како тапа што во никој случај не попушта да потоне во водата, испливуваше на површината, сѐ поубедливо покажувајќи ја својата непокорност на волјата на човекот, па макар тој да е и самиот Ајнштајн.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Тој како да забораваше и на специјалните директиви што ги имаше за темелно „перење на нашите мозоци“, посебно на непокорните сонародници, меѓу кои јас, емигрантот од бегалско семејство, прв на нишан.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Гледајќи ја оваа маса од расчувствувани лица, Арсо се прашаше самиот себеси, зошто овие сериозни лица - запотени, стеснети и опијанети од љубопитност, ги заборавиле своите секојдневни работи, многу важни за самите нив и се претвораат овде во наивни, пакосни или добродушни гледачи, зашто им е потребно тоа да се согласуваат со оние што обвинуваат и на таков начин да си ги прават душите тврдокорни, барајќи во себе презир, непопустливост и казна за оние што се млади и непокорни, но очигледно способни да ја платат највисоката цена за таа своја непокорност, за тоа свое несогласување и за мечтата за нешто што го нема, но треба да дојде, зашто без него нема смирување и среќа.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Си заслужи еден ваков крај, беше голем неранимајко, непокорен, тврда глава, секогаш нешто важен, горд, одвисоко.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Реваншот на непокорните селани од кои мораше, по секоја цена, да се создаде работничка класа, беше жесток.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
ТОКМУ ВО ТАА ЕСЕН кога Сирмевци се приготвуваа за свадби, седеа група агалари во едно од прилепските кафиња и слушаа како еден од нив раскажува; кога, одеднаш се разнесе силна смеа во кафето: – Ха-ха-ха-ха – се насмеа слатко прилепскиот кадија и ги погледа агаларите околу себе со извесна иронија на лицето, слушајќи го оној пред него да раскажува како во прилепската нахија имало раја непокорна на султанот.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Како дете тој бил многу пргав и непокорен, правел многу белји, та татко му честопати морал да го казнува и со ќотек.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Оливера Поточка и Манол Форевски одат во Редакцијата на ,Непокорен" да го бараат Паун Радевски.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Додека мразот на непокорниот човек го стега умот со преголема доза на страв, мекоста на твојата верба го разредува и го разблажува туѓиот страв – смирено зборуваше старецот.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)