несогледлив (прид.)
Татко добро знаеше дека големите идеи кои зачнуваа во главите врз погрешни основи од смели поединци, како на пример, во главата на научникот Лисенко, со идејата да создаде џиновско јаболко или зрно жито, можеа во доменот на свеста, на пример, идејата да се истера Бог од душите на луѓето, да се отстрани самото верување на луѓето, можеше да биде проследена со несогледливи последици.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Се држеа само за еден прст. А под нив зјапаше несогледлива бездна.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Акварел
Земаш вода, боја, четка
ризик, многу ризик
плус страст, вишок страст
отаде доброто и злото
еден нескротлив гест
и
зафаќаш со еден потег
цел несогледлив амбис
окно под свеста, под себеси
го повлекуваш пругоре вовреното црево
го вадиш од дното на сликата
без право на дополнителен влог
без шанса за поправен испит
или прошка
и
го овоплотуваш змејот
прекрасното чудовиште
заумната фигура!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Одново се опчинувам од несогледливиот трезор на слики и пораки што ги содржи креативниот звук.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)