новокомпониран (прид.)
Скопските шмизли се феномен кој со забрзано темпо започна да се развива некаде со распадот на бившиот систем и создавањето на две и пол класи во државата на новокомпоновани богаташи од една страна, кои опфаќаат 5 посто, и сиромашна класа, која брои некаде околу 90 посто од населението.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Сочен примерок на Лолита! Распупено тело со момински штим – како што би рекол новокомпонираниот поет.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Тажните гласови на репортерите, долгите кадри, сликите на мртви тела, погреби, лешеви завиткани во национални знамиња, ритуалните примања на воените одликувања, толку слични на примање хостии, ужаси проследени со балканско новокомпонирано дрндање, шлагери што со фолклорно дерење му се закануваат на непријателот дека ќе биде уништен, сиот тој новокомпониран патриотски фалш, таа кичерска пропагандна индустрија на војната - сето тоа се крчка во балканскиот лонец помеѓу трагедија и фарса, страдалништво и рамнодушност, сочувствување и цинизам, гроза и пародија.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Зборувам за митското, племенско размислување, за дивјаштвото, примитивизмот, за неписменоста, за криминалниот менталитет, за кражбите, за лагите, за легализација на лагите, за културата на лажењето, за самоволието, за новокомпонираниот рурален менталитет којшто плаче додека убива и убива додека плаче...
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Потем отидоа пред куќата на Павел Земанек; извикуваа гадости за татко му, велеа дека бил предавник кој го напуштил родот, го оставил семејството, и дека на син му, Земанек, ќе му ги пребојадисаат јајцата, поколението негово; и потем исчезнаа, со некоја новокомпонирана народна песна низ улицата, кон некоја нова адреса.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Со Земанек нѐ зближи и музиката; и двајцата сакавме џез, и по тоа се изделувавме од другите, кои слушаа лесни новокомпонирани шлагери, фолк и поп.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
- За турбо-фолк музиката, онаа новокомпонираната македонска што ја обожава Саше, за неа вели дека е кич, па така и за нас, бидејќи сме ја слушале.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)