одблизу (прил.)
Не можев да слезам долу и да видам одблиску и со рака да пофатам.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Тоа беше прв случај толку одблиску, толку вистински да ја видиме нашата смрт.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Не го сакаа тоа од некоја наклоност или добронамерност спрема мене, не ни дека би се откажале од своите сплетки, туку сакаа да им бидам блиску за да гледаат како одблиску ги слушам, да можат директно да ме зграпчат, да ме тегнат и да ме тресат за палто.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Тоа е сѐ што може да се види одблизу.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Вие се надевате на нешто брутално.
Вие немате ништо против
небото да го видите од другата страна
одблизу да го видите
па заспивате.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Се обиде да стане, во својот смрзнат страв да му се спротиви со извик, но во неговото грло крикот само кркореше; ни одблизу не потсетуваше на едно липање оставено еднаш во една тешка ’ржана зрелост.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
А сега нека ги погледнеме одблиску сродните прашања за тоа како описот што го употребуваме за карактеризирање на некој реален објект ,како на пример збор или број или слика, ја нијансира нашата идеја за сложеноста на тој објект.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Измислуваа и други нешта, но никој не беше ѝ го видел лицето одблиску, таа живееше како лилјак, како ноќна птица.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Ги запреа коњите разгледувајќи го одблизу манастирот, восхитени од неговата убавина, кој извишен на карпата над езерото и опкружен со зеленило, се чинеше како да лебди над водата во дланки господови; езерото под него поигрува, одблеснува на сонцето и полека ја заплуснува карпата; лево од манастирот под падината на планината, клокотат огромни извори и исфрлаат изобилство вода која плавно, широко се разлева правејќи езерце што го обградува пошуменото островце пред да го пресече патот под мостот и да влезе во езерото со бучеж; на дното од мирната вода во езерото се прелеваат разнобојни алги фаќајќи ја светлината од сонцето што низ бистрата вода продира до нив; на островцето столетните дрвја ги раскририле гранките спуштени до самата вода во која фрлаат зелени отсјаји; по водата пливаат патки и лебеди, кои вознемирени од тропотот на коњите, се оддалечуваат повнатре во езерото оставајќи долги, меки бразди зад себе; на ледината крај изворите пладнуваат купчиња овци како бели, отворени цветови.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
По потекло од областа Преспа, во Македонија, делото ги трогна одблизу.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
За првпат погледна одблизу во нејзините очи.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Кога ја гледал од подалеку, му изгледала убава, складна средна дебелина, но кога ќе ја видел одблизу, впечатокот го менувал, се пишманел.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Уште на погребот ми запре погледот на нејзиното широко, питомо, паметно лице, а сега, одблизу, на неговата белорозова кожа ги видов овде-онде расфрланите пеги што ги потенцираше црвеникавиот отсјај на нејзината коса. Таа беше тивка природа.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Да го види големиот дукат одблизу, после ако сака нека умре.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Го гледаше и одблизу и оддалеку, но не можеше да разбере што има навезано.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Топлата есен 2000 година од Христовото раѓање, во Византион илити Константинопол, илити Цариград, илити Стамбол, илити Истанбул на западната страна на црквата „Св. Софија“ (Аја Софија) откај што можеше најубаво да се види, да се доживее храмот, седнат на дрвена скамејка и по четврти пат го почувствував студеното ветре околу моето срце и знаев дека, од некаде, одблизу ме демнат темните очи на Рибоокиот, и оти неговото тело е во близина.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Имав впечаток, следејќи го пулсот на владетелите одблизу во мојот живот, посебно во дипломатските години, владетелите, како Тито, Арафат или Бургиба, не само што самите ја немаа моќта да ја разберат и да се прилагодат на филозофијата на Монтењ, туку во своето неверување, неприлагодување на крајот, свртени кон вечноста низ владеење, најчесто го повлекуваа и народот со кој владееја.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Многу повеќе сакам да аргументирам разгледувајќи ги одблизу самите општествени појави – внимателно да ги исчитувам културните облици или да правам дебел опис на настраните културни практики – отколку да се повикувам на авторитетот на некоја готова теорија или доктрина.
„Како да се биде геј“
од Дејвид Халперин
(2019)
Се загледува одблиску во секого.
„Последниот балкански вампир“
од Дејан Дуковски
(1989)