ориз (м.)

Ми беше рекол оти му се смачил животот по бараки и оној војнички казан од кој можеш да зафатиш со водата само ориз и моркови.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Да се истреби пченица и ориз и да се кладе месото да се вари.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И по кривите вади да пропуштиме води за оризите млади и зелени лободи.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пилешки копани и крилца во ориз.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Кога и оризот и чајот ги завршија, двете девојчиња фатија да ги редат ќофтињата врз стиропорот, но полека, за да не се распаднат.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
И ги полнат устите со месо, со ориз, со леб и губат здив, речиси се задушуваат, па мораат да џвакаат со отворени усти.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сега знаеше дека сите тие дискусии биле само навидум плодни, а всушност биле јалови, испостени како влажна земја на која со години се садел ориз, па сега не може да прими ништо друго.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Оти трпезата само се полни со јадења, јагнешко печено, дроб-сарма, тава со ориз, рогушки и смокви и што ти не.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Бидејќи големиот пазар не ѝ беше далеку, таа, како при катадневен ритуал, одеше да купува со два големи зембили, зеленчук, овошје, ориз, грав, брашно и многу други производи, од кои најмалку употребуваше самата таа, а другото повторно им го раздаваше на своите сиромашни соседи.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Морав да го одврзувам скутникот, да навлечам место налами влечки на нозете, а потоа, во еден долг разговор со Парнаџиев, да го потрошам сето свое умеење за да добијам мало тавче ѓувеч место моето исчезнато тавче ориз.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Имаше и полни чинии со бадемов кафен ориз - пилав (еден од специјалитетите на Кети), мелено месо и ориз завиткани во листови од зелка, пржени домашни колбаси, многу зачинети, чорба, длабоки чинии со мешана зелена салата, потпечени пиперки со маслиново масло и разни други зачини, вклучувајќи ја и неизбежната туршија од пиперки, жолти и со форма на рокчиња, за кои Даниел ја предупреди Рози, ”Немој да си гризнала од оние. Ќе ти ја изгорат устата”.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Внимателно ме набљудуваше додека се обидував да го избегнам месото и со лажицата буричкав низ оризот.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Малебџилници - тоа се всушност гостилници каде што се готви јадење само пилешко месо: печено пиле со или без ориз, пилешка чорба и ориз, некои пудинзи со месо од градите на пилињата.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Растат жита, горе нависоко: оризите крај вода студена, мрки урви дури до колена, жолти ’ржи до преку рамена.
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Денеска мајка ми и ориз ѝ вари.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
И за саралија со шеќер или со мед, за мазник - кори печени на сач и клавани една врз друга, та попрскани со млако топена маст, кори за оризник – и тие печени и попрскувани со маст и ориз или кори за лешчалник и фасулник, пак печени на сач та поливани со леќа или грав омекнати во млака овча маст...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Сватовите донесоа тепсии со ориз, со грав, со компири - пупа. Со скала да се качуваш на нив.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
— Ами со шо, мила невесто, се готви кокошка? Ја со бонгур во грнето, ја со бел ориз на тепциата!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Повеќе