парталав прид.

парталав (прид.)

Време е очајот да се измоча и одземената слобода да се грабне време е во ова невреме мачно месијата мајка да ни расплаче Да можат и сонцето би го згаснале просветлени демони во мрак да можат сите би не убиле време е да им застанеме на пат Парталави души нечистотија шират со омраза нѐ распарчија до коска време е за сурова војна со овој болен и импотентен свет
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Ај мајката, си велам и ги гледам вакви парталави, со нечисти чевли, немиени, небричени, прости... Кај да ги носам таму. Јок ќе направат.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Ја истресе правта од парталавата униформа и набрзина истрча од крвавата соба.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Ги рашири рацете правејќи си крила од парталавиот мантил, се затрча кон работ на зградата и скокна.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Додека застануваше да здивне и да ухне по неколку пати во своите црвени раце, сеќаваше како сѐ уште го проследува онаа парталава прилика на мршарот по него, но сега веќе не мислеше толку лошо за тој ранет волк.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Јов со неговиот стап, парталав, преминуваше преку пустина...
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Тоа утро, кога првпат разговаравме за трагите што никогаш не можеш да ги забележиш овде, под Сина Скала, надвор врнеше дожд, јас не отидов на училиште, а денот беше сосема беззначаен бидејќи сиот беше собран во една парталава сива облека; потсетуваше на изнемоштен изѕемнат бедник; стоеше под стреата и тоа пред самиот прозорец.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Тој прво се скочани, сосема тептисан, кога се најдоа лице в лице, а потоа на оној парталав створ му беа потребни само неколку мига за да ја спрашти во пепелници по трагата надолу.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Зад парталавиот облак се шмугна бледото лице на месечината и го снема.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Со коса што му паѓаше над обраснатото лице, во стара парталава бунда од која рацете му ѕиркаат како две полурѓосани лопати, плашливо реагирајќи на секој посилен шум, во очите на Градот припаѓаше на онаа група питачи што се прикрадуваат до кантите за ѓубре и претураат по нив, обѕрнувајќи се како гладни пци.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Парталавата светлина се цеди меѓу ѕидовите и телото на Арсо и лепне во брза игра по рацете што сега ги врзуваат полните торбичиња.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Со него учеа заедно основно српско училиште, бугарска прогимназија во војната, а по ослободувањето тој се изгуби во некое средно - техничко или стручно - занаетчиско училиште, додека повеќе не го делеа мегданот на граничната полјанка меѓу двете маала, зашто и така веќе не се играше со парталава топка ами со напумпан фудбал и не се трчаше по ретката трева бос ами со износени кондури од постарите, кое браќа, кое татковци, кое заробеници кое борци.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
По тие групи имаше собирања во паркот каде што некој ќе се најдеше на договорената клупа да задрнка на гитара, кошкање парталава топка по длабокиот песок на дивата плажа, ненадејни прошетки со позајмен велосипед по насипот покрај реката од градот до предградието, непланирани потсвирнувања на другари во темница кога под прозорецот не очекуваш ништо друго освен мирис на босилек.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Маглата како парталава вештерка ни ги фрли в лице своите отровни преѓи.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Не ја знаете ли пословицата: „Пушти си ја ногата колку што ти е чергата“, чергари парталави!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Франциско одеше гол и бос, парталав, гладен и жеден, во крв облеан, и од никого ништо не бараше: ни дреи, ни леб, ни вода, а уште помалку го мачеше суета и потребата од признание и слава.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Тешко поминатите месеци ја научија да ги поднесува самотијата, стравот, гладот и студот, ама таа не научи да поднесува кога ги гледаше момчињата и девојките во излитени војнички униформи, парталави, гладни и вошкосани и не можеше да ја поднесе глетката на ранети и убиени.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Луѓето влегуваа и излегуваа од темните сводови на портите и лазеа во неверојатно множество по тесните сокачиња што се разгрануваа од двете страни - девојки во полн цут, со неумешно нацрвени усни и младичи кои ги задеваа девојките, и дебели расклатени жени кои покажуваа како ќе изгледаат девојките по десет години, и стари згрбавени суштества што се влечкаа на рамните стапала, и парталави босоноги деца кои си играа во баричките, а потоа, на лутите повици од мајките се разбегуваа.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
И порасна ли Трајка и Велета да му служат на Адемовите штенци? — се обрна кон Ката и ѝ го покажа детето, кое веќе беше се фатило за нејзината парталава фута.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Пијанството, што го носеше крвта, сетена на острината од гладните секачи, завладуваше пред неговите очи над сите тие парталави, тела, а ударите на забите по секој празен заграб ги тераа да завиваат од таа ужасна грозница; беше една глад, кој ништо не беше во состојба да ја утоли; таа растеше со секој дофатен залак, таа побеснуваше во својот лудечки занес, разгорувајќи се, тука, пред неговиот прозорец, а нејзините писоци од болка и од настрвеност говореа и за можноста од тој испреплеткан јазел на крвавото беснило мнозина од нив да излезат и без своите сопствени колкови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе