плевна ж.

плевна (ж.)

А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Оние платна веќе нема да ги распнувате! - рече дедо Димо. - Ќе уредиме спиење во плевната.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Колибата и плевната личеа на две изгубени кутичиња во огромна бела пустина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Како и секогаш нафрла храна во јаслите, го срина малку ѓубрето кај говедата, им посла сува слама, па чекајќи така добитокот да му се порадува на убавото зимско сонце, да се надише свежина гризеше јаболко и пребаруваше низ мутвите на кошарата, низ сеното и сламата во плевната, низ сомнителните места во ѕидовите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Дали две три куќи беа спасени, некои придружени објекти, штали, амбари, по некоја плевна, тркала и други помалку важни простории, но главното отиде во неврат.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Еднаш на еден му ја запали племната, на друг му го испушти житото од амбарот во калта.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тој мирис на сеното, тие звуци што навечер никнуваа наоколу, во самата плевна, во буковата корија, во папратот зад плевната, тие ѕвезди што се гледаа низ отворот на вратата, тој чуден опивлив ноќен планински воздух што го дишеше и му се насладуваше и ти се чини дека сѐ е вечно, нема почеток и нема да има крај, и ти се живее и ти се постои и би сакал да бидеш насекаде, со сешто, засекогаш...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Елена ги виде уште кога дојдоа, но се пикна во плевната, ја затвори вратата, легна врз сеното и го зеде дневникот в раце. Беше лута и навредена.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Еднаш една мачка ја збрка меѓу куќата од Богдан и плевната и ѝ го загради тесниот простор меѓу двата ѕида да не може да излезе.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Едно време почна да се крие од децата во плевната, за да не го мајтапат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И пак остра угорнина сѐ до првите плевни.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Не ја натераа на тоа познатите драматични настани, туку некое необично чувство што ја обземаше додека лежеше на своето легло од сено, во плевната.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Многу од плевните и кералите испопаднаа, а добитокот луѓето го префрлија во куќите, во одаите и спиеја заедно со него.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
По четириесеттиот ден од смртта на жена му, тој со торбе на рамото во плевната влезе и веќе не излезе.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Им ја отвори прво вратата од тремот на говедата, па кога тие се спуштија кон поилото, оставајќи жолти траги по белата снежна патека, тој се качи во плевната и им спушти во јаслите од кошарата два снопа царевиње.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Го запали и малото газјениче, кое многу ретко, во исклучителни случаи се палеше, зашто инаку и немаше потреба, ја стави крај огништето и сета расположлива борина, која служеше за потпалување, а и за осветлување кога по темница требаше да се појде надвор, до стреата или до плевната.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сепак неколку жени го зграпчиле за мантијата и го напикале во тесна плевна заканувајќи му се дека со стапови ќе го испратат гол и со врзани раце до под самиот Црн Врв ако не престане да ги менува среќните мигови на свадбеното расположение. Не се шегувале, усните заканувачки им се кривеле.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Со гредите од паднатите плевни ги потпираа чатиите на куќите, но многу куќи и не издржаа, та многу семејства се здружија заеднички да живеат, да го делат злото и да го молат господа што побргу ова чудо да го запре.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
А кога таа повремено ќе направеше обид да се помрдне кон едниот ѕид на куќата или плевната за да шмугне крај него, и тоа се помрднуваше на таа страна за да ја спречи да му избега и за полесно да ја зграпчи.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Луѓето беа постојано со лопатите в раце: ги чистеа деноноќно покривите од куќите и плевните, ринеа и правеа патишта деноноќно, но и снегот врнеше деноноќно; како да беше заинатен и скаран господ со луѓето: тие фрлај и расчистувај го снегот - тој фрлај друг.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Повеќе