пожесток (прид.)
Сега не беше младич, но она ластарестото сѐ уште ја оптегнуваше неговата тенка, пегава става во излитена англиска блуза со боја на пожолтени дабови лисја, а Змејко немаше време да направи ниеден чекор кон таму, кога оној веќе стоеше до него, во средината на таа група крај колите и тие си ги тресеа рацете еден на друг со онаа наеднаш повторно родена жестокост, која сѐ повеќе растеше и стануваше пак дива и разврескана во нив, продолжувајќи сето време да се потчукнуваат по рамената, уште пожестоко, а денот дури сега навлезе во неговите очи и го заслепи, просто го исполни сиот, така што тој сега речиси сети како е тесен во себе за да го прими тој убав планински ден наоколу, додека некој од селаните крај него рече: „Змејко е печен, вечер се запишува в Задруга“, а тоа сега воопшто не беше важно, беше толку далечно од него, како да било во еден сосема подруг живот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Марксизмот беше само еден од филозофските мисловни текови со кој се послужи Ленин за да ја преземе власта од царистичка Русија и ја наложи советско-комунистичката, за да дојде потоа Сталин со уште пожестоката и помилитантна идеологија.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Таков бил нивниот јаничарски парадокс, на Балканот уште пожесток.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Тој страхуваше дека последиците од „двоверството” односно „јаничарството” на Балканот можат да бидат најжестоки, пожестоки од тие што ги познава историјата во другите делови од светот.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Страхуваше во позаостанатите делови на Балканот, а Балканот речиси целиот беше таков, пресметките со свештениците да не бидат пожестоки, подолготрајни, со повеќе последици.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Најпрвин, таа се обидела да ме брани; тој уште пожестоко ја нападнал, и тоа на партискиот состанок пред сите таму; таа плачела, а тие, другарите од партијата ја прашале дали можеби плаче затоа што чувствува некаква блискост кон мене. Таа рекла дека не чувствува.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
На моменти ќе се подигнеше, но следеа удари сѐ пожестоки и пожестоки, како во ринг.
„Седум години“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2012)