позлатен прид.

позлатен (прид.)

Ама и како да не беше гроб туку некоја мермерна трпеза околу која беа наседнати дебелкави и дебели тркалезнообрзани луѓе, сите облечени повеќето во униформи, со тешки ордени на градите, со златни колани и позлатени гранчиња на капите.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Покрај оделото и темната вратоврска, старчето има добродушен лик на престарен вујко и сосема семејно ми ги подава кадифените албуми, што и самите би се чинеле домашни, да не се позлатените букви и везот по рабовите, со кои добиваат нешто неприродно, наместено.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
А како да не се отвори: на таа страница во болни риданија Рахела ги оплакуваше своите деца а дедо ми, наместо свеќа, тука оставил стракче мајкина душица кое во голема тага се сушело низ вековите и сочувало сила само тешките и позлатени капаци на Светото писмо да ги подотвори толку - колку да се чуе ужасот на пискотниците од Витлеем.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
И замолкнаа старецот и детето, се преселија за малку во мислите во тој иден, убав летен ден, кога планината ќе биде најубава, кога ќе биде украсена со сите бои на ѕуницата, озвучена од грлата на сите птици и позлатена со сончевина.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Се надеваше оти Али Фетхи набргу ќе се врати во Истанбул, тој остана рамо до рамо да се бори за нова Турција од првите битолски идеали на младоста до позлатените идеали на староста.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Имаше тука и една голема книга со кожени корици и со позлатени букви, кои времето не можеше да ги избрише можеби поради задржаната светост во неа.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Ете тогаш, кога жителите на Потковица и на околните села ја нападнаа железничката станица, беше нашле една фотографија од Тањушка, во позлатена рамка, и дали од простотилак или од пакост и на подбишега, зашто го мразеа татко ѝ, за божем дека бил посрбен, ја прогласија девојката за светица и со нејзината фотографија напред носеа покрсти - одеа низ полето и молеа бога да падне дожд, за да ги наквасел полињата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Набргу им се придружија и сопругите, на брзина ги кренаа празните чанчиња од мезето и потставија две кафеаво црвеникави тави во кои имаше по две големи половини модар патлиџан, исполнети со богата содржина на јадењето имам бајалди (онесвестениот имам), од кои се ширеше миризбата на печениот зарзават, во покрај модрите патлиџани, се гледаа златесто зеленикавите испечени бамји, ситно сечканиот магдонос, зелените позлатени пиперки, растопените црвени патлиџани, прошарени со испеченото мелено телешко месо.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Но тука беше нашата мајка и нашата баба Русинка, таа достоинствена полничка старица, со долги белоруси коси, со позлатени прамени што ѝ паѓаа врз широкото чело, со густи веѓи и сини добри очи, која ја вардеше мајка ми од смртта.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Таа беше облечена во светло син фустан, а косата како позлатена ѝ светкаше на сонцето.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
А над нив блеска големо око, позлатен жолток од џиновско јајце; удира дожд: веќе нема луѓе и нема живот, сонцето се гасне, утре ќе е парче прегорен јаглен во темница без волчи завивања и без љубовни воздишки во која заглибила лагата на верувањето.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
А потем, позлатени дреи што Кузман на празник само ги носеше голем.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Во рацете го носеше свечениот позлатен владички стап.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Ги привлекува витките, јадрооки девојки со скапи подароци: ѓердани, позлатени гривни, свила и чоја и така лесно, како пеперуги во оган паѓаат во неговата шепа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Твоите колкови се лулаа, лулаа како позлатено клатно на ѕиден часовник!
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
На преден план - декоративен и симболичен череп до него сушени риби, ракови и книги со позлатени букви на кориците: Vita Nuova, Comedia Divina визии од платната на талијанските мајстори од XVII-от век.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Пред едно јулско пладне стасав до неголемото езеро. Позлатено, лежеше во обрач на трски.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Ме смири глетката: белите штиркани чаршафи, беспрекорно испеглани околу рачно изработената бордура, ја истакнуваа убавината на старинскиот кревет, чии украси од месинг сега сјаеа како позлатени сијалици.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Трговецот Арон имал сѐ во куќата, од шарени ламби до позлатени лажици. И уште повеќе од тоа: всемог стопан вампир.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Позлатените кори на баклавата блескаа од зраци сонце кои се прикрадоа до тепсијата среде масата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе