помоли св.

помоли (св.)

Дарителот им дава бакшиш на свирачите, и влегува во црквата да запали свеќа и да му се помоли на светецот да му го возврати дарот со здравје и живот и напредок на куќата и семејството.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тие ги испраќаа со жален поглед се’ додека не исчезнеа зад првиот завој, но немаа смелост да се испречат пред некој од нив за да го помолат шоферот да ги качи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Откако положи цвеќе и се помоли во незадржан плач пред гробовите на својата мајка и сестра, ќе положи, на чудење на сите, китка цвеќе и на гробот на диктаторот Енвер Хоџа, кој не ѝ дозволи на светицата Мајка Тереза да си ги види своите додека беа живи, а ниту да присуствува на нивниот закоп во Тирана.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Ќе одиме по крсти да се помолиме за полето и за нас. Да ја избркаме болеста.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Јас би го однесол писмово кај Иванов, тој би ме помолил да почекам одговор, таму би ме ликвидирале и ти би останал сосем настрана од сево ова и онаа работа со која јас те држам в раце не би имала такво дејство, како кога би загинал од твоја рака?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Ако е така, тогаш не ни останува ништо друго, освен да му се помолиме на Господа да ги умножи македонските друштва, слични на Петроградското – „Св.Климент” насекаде каде што живеат Македонци. *Прочитано на II седница на петроградского Македонско научно-литературно другарство „Св.Климент” на 28 септ. 1903 г.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Одвај чекал навечер по вечера да се истркалаат во постелата и да го помоли: - Тате, ајде да ми кажуваш за чевлињата што ќе ми ги купиш за Велигден.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Потоа наеднаш ја крева главата кон мене, ги исправа ушите и како да сака нешто да праша, за нешто да помоли.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И ова утро полковниците се искачуваат со коњите по падините на планината над селото, додека селаните празнично облечени излегуваат од куќите и се упатуваат кон црквата Св.Ѓорѓија на утринска молитва да му се помолат на светецот за живот и здравје и да им помогне во спортот...
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Застанати простум пред иконата му се помолиле на Господа и Богородица, па излегле во дворот со јајце вапсано и со светена водица да го поминат имотот и имањето.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
А сакам, така, одоколу да го помолам да не си го кине срцето. Така ни било заведено од наречниците.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И помолил, за спокој на душата, сета машка челад на Мечкојадовците да носат обетка на левото уво и да колат сѐ што е дворјанско, под самур - калпаци, во зелени долами везени со злато и во кафтани од срмен кумаш ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сепак го потиснав тоа и реков: - Тато уште кога ти ја донесе сликата за првпат сакав да те помолам да ја ставиш кај нас во собата, но не можев тогаш да ти речам.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Николче седеше на место, решен да умре но да не се помрдне, барем додека не дојдат да го помолат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Бошко знаеше дека луѓето навистина немаат и неколку пати го помоли Лумана за почекување.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
имаше еден безбожник којшто призна дека кога му било најтешко, пак, на небото му се помолил, пак верувал дека нема господ, ама друг и немало до него и устата сама му се отворила да го моли господ, оти тогаш може да ти помогне само тоа што не е до тебе, тоа што не го гледаш, што не го познаваш, што не си го сретнал, господ мора да е и овдека и онаму, вели Илија Јованов, господ мора да е насекаде и затоа не можеме да го видиме и тогаш пак го гледаме офицерот, се враќа: дали сте биле војници, прашува, не, не сме биле, кажуваме, е отсега ќе бидете, вели, смртната казна ви ја заменувам со казна на прва борбена линија, вели, ќе потпишете дека доброволно се јавувате, ќе потпишеме, велиме, како не ќе потпишеме, таму барем може и да преживеете, вели, е ти благодариме, господине, велиме, ти отсега си ни господ, велиме, и одиме му ги бацуваме рацете, колената, чизмите, не бацувајте ме мене, туку потпишете овдека, ни вели, имате штастие, имаме, велиме, и среќа и штастие имаме, сигурно дека е пијан, си мислиме и нѐ одведоа во некоја касарна, ни дадоа алишта и плачките ни ги вратија после пак ни ги зедоа, ама тогаш ни ги вратија, само парите не ги вратија, пари не ви требаат, велат, оти одиме на фронт кон Турција или во Македонија. 122
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
да извидиме кај се, да наслушаме што зборуваат, и ние одиме и врзуваме колчиња, за да ни веруваат, ама со нас имаше и еден Бугарин, ни го присливија, како нивни човек, ама тој страшлив, идеше до некаде и застана, јас, вели, не можам повеќе, не сакам со секој да се борам, вели, да не сакаш и душманот да ти го одбереме, велиме ние, и одиме, го помоливме да иди, и заминавме, а тој остана во нивјето, во калта и ние наближавме до теловите, до окопите, и слушаме зборување, ама ништо не разбираме, ни бегаат зборовите покрај уши, не знаеме дали се англиски или грчки,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Расфрлени мртовци и ранети, крв, остарена младост на прагот на својот прв ден, мајко моја изгубена во моето детство, и мртва помоли се за својот син и за неговата прва љубов и за спас од споулавување пред спомените.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А некаде, на еден-два часа пред зората, куклата ѝ се помоли на Месечината.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Луѓето од Езерец уште од зори се приготвуваа да одат во манастирот, да му запалат свеќа на светецот, да му се помолат и да купат нешто на панаѓурот; во селото врвулица: излегуваа луѓето од куќите, се меткаа по дворовите, се собираа и тргнуваа; секој носеше по некој дар за манастирот: овца, коза, теле; тие што немаа добиток, плачки: кошула, риза, чорапи, бовча, шамија; рикаше добитокот по патот, луѓето се довикуваа, се причекуваа да одат заедно; помладите одеа пеш, а постарите и децата качени на коњи или магариња; некои одеа со чунови по езерото во кои имаа изнаредено плачки за спиење и храна - сето личеше на некоја преселба, збег.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе