превитка св.

превитка (св.)

Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пламенот што се превиткува во средината на земјанката го осветли нејзиниот десен образ огрден со дебела лузна во чија средина сѐ уште е залепен загноен струп.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Стражарот им се смееше на неговите превиткувања.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Дед Павел отиде до полицата на која беа поредени чаши и празни шишиња и зеде од зад нив превиткан лист.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Туку ќе ги превитка клепките нагоре.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во собата имаше еден кревет, уредно наместен со превиткан чаршаф и ќебе, што Александар го потсети на планинското детско летувалиште во кое родителите редовно го испраќаа за време на летниот распуст.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
По некое време пак ќе се поврати. И ќе се превиткува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Беше маѓепсан и загледан, останувајќи свесен само за онаа прва вистински сетена болка на гладот во својот стомак, чиешто превиткување го престегна како исквасен ремен и го згрчи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во следниот момент тој се превитка од жестоко кашлање кое речиси секогаш го напаѓаше набргу по будењето.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
МАРИЈА: Сѐ е џабе. (Пауза.) Сонував дека сум пресечена на две. И кај што е 'рбетот — голем црв. И тој пресечен и се превиткува.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Беше една глува отпуштеност, таа легна во сѐ наоколу, ја исполни и целата таа просторна сала и таа чиниш се превитка во неа и се смири.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Можеше да работи. Можеше да се напнува и да се превиткува, впрегнат, можеше да совладува и да биде среќен.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Го фрлам билтенот, ги удирам колената во мевот и се стегам така, се превиткувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Потекува и породилната вода и ми се разлева надолу, по ципите, по нозете. А мевот само ме превиткува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И дојде неделата, црна и пуста, и јас почнав да се превиткувам. Од рани зори почна да ме ора, да ме кине, да ме корне.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тенките рамења беа наведнати напред, така што правеа длабнатина од градниот кош, сувиот врат изгледаше како да е превиткан на половина под тежината на черепот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Тој ќе те удира, а ти ќе се превиткуваш, ќе потсинуваш, ќе се собираш копец во вратот и во срцето, ќе ја собираш устата, ќе ја собираш раката и, примижувајќи пак ќе ја подаваш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ме легнаа и додека татко ми ја држеше главата на перницата, мајка ми се обидуваше со игла да го извади зрното. Ме болеше, пискав, се превиткував. Мајка ми не успеа.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Тукушто поминаа дождовите и сонцето почна да ја грее земјата, да ја вари како во казан, стаса поморија по рибите: осамна езерото со илјадници збрлавени риби што водата ги изфрлуваше на брегот; скокаа рибите низ песокта, прпелкаа се превиткуваа, замавнуваа со опашката, ја тресеа главата, ја закопуваа во песокта за да ја столчат, да прекинат со овие грчеви; умираа со подзинати усти, со испуплени очи; од мевот им се цедеше недоисфрлената икра.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Уште долго се превиткуваше на своето легло, загледан во една точка и далечен од денот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе