преплави (св.)
Градот е пекол, градот е студ градот е преплавен со разврат и блуд и секој чесен го сметаат за луд во градот е потребен страшниот суд Редици на шалтери, редици во банки редици во болници, редици во Бутел ефтина шминка на ефтини луѓе ефтин дух во градот прескап
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
Како што тој ќе ја присегне раката така жена ми му принесува друга чаша со вино и како што тој ќе ја испие така потечуваат матни загадени води што го преплавуваат Балканот.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Ми се лоши од возбуда, чувствувам топли и студени бранови како ми го преплавуваат телото.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
„Сѐ додека треба да се бранам од физичкото присуство на освојувачот, силата на мојот идентитет ме смирува и преплавува.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Омразата и бесот што му ја завладеаја душата, му го истераа сонот и ја преплавија неговата слика за родната земја со безнадеж беа неговиот најголем пораз.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Оваа состојба почнува ненајавено и ненадејно во вид на восхитеност, блаженство и екстаза од животот на обичните луѓе, преплавено со блесоци на убавина, љубов, духовно - сексуално искуство, совршенство, стравопочитување, естетско или креативно чудење, увид или визионерско доживување, како што во своето творештво го соопштува, да кажеме, Вилијам Блејк (William Blake).
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Безбедно од продирање на забелешки; безбедно пред опасноста од преплавување со љубов, како и од уништување со омраза.
„МАРГИНА бр. 22“
(1995)
Пред него преплавуваше буица од гневни, беспомошни мисли: меѓу неговите зборови се закануваше минско поле - ако погрешно нагази, ќе биде разнесена.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Фаќаше од око најнеочекувани рекурси, се наведнуваше и се искачуваше со камерата како со џебен фотоапарат за семејни фотографии, ги ловеше последните зраци на сонцето по брановите преку камењата, правеше смели швенкови од карпестите врвови до распенетите вирови, се задржуваше со крупни планови по брановите бистра вода што ги преплавуваа изделканите белутраци по свиоците, успеваше да фати и по некој растреперен цвет на колонеж или скриена циклама во цепнатинките на скрките.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Додека тие така го откриваа какаото, планината пред нив веќе беше преплавена со предесенска сончевина во чиј сјај лисјата поцрвенуваа.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Истиот миг силен бран му го преплави целото тело, ежавејќи му ја кожата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Добра ноќ, Оче Симеоне, но кој лекар еднаш ти рече - урнете ги болниците во името на здравјето и преплавете го градот со зеленило и водоскоци?
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Чудната почит спрема О'Брајан, која изгледа ништо не можеше да ја уништи, го преплави повторно срцето на Винстон.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Произведувачите нема да ги преплават пасивните гледачи со конечни производи. Тоа е многу важно.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
Пред да потоне во едно модрило, што му го преплавуваше целиот поглед, а после се расплинуваше и добиваше некакви крвави токови, помисли само уште дека она стреснување на окитот, што го виде во буките надвор, беше нешто, кое во некое свое далечно време, што сега воопшто немаше никаква врска со него, а сепак постоеше, тој го очекувал токму такво, дрвјата токму така да почнат да ги стреснуваат од себе тешките грутки снег.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Да. Сопчето одеднаш го облеа светлина, го преплави блага и придушена светлина, слична на таинствен здив.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Петтата колонија работеше турбо како разработен прометен колонијал, а смрдливиот чернобилски етер беше преплавен со нивните сурати.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Улиците не се преплавени со вооружени млади деликвенти, стапката на убиствата изнесува една петина од онаа во Соединетите Држави; проблемот на наркоманијата е мал и судејќи по сѐ опаѓа; уживањето на хероин е под контрола, кокаинот претставува мал проблем, додека крек речиси и нема.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Кога пак Јаков ќе заминеше, таа не можеше да заспие и ги впиваше во ноздрите, исцрпена од дивата љубов, мошусните мириси што во нејзината постела ги оставаше неговото жилаво темнокожо тело и кои одново ја преплавуваа и до болка ѝ го јакнеа копнежот по него. Утрото го обои прозорецот во румено.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Можеби уште не беше 5 до 12? Или можеби отпадоците коишто ја преплавуваа тревата го крадеа впечатокот?
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)