прескокне св.

прескокне (св.)

Но со оглед на тоа дека вие знаевте оти животот не го раководи некоја си судбинска предодреденост, а можевте и да си претпоставите дека на таа предодреденост најмалку влијаат нашите спомени, од каде кај вас тоа решение да постапите според сугестиите на сеќавањето и притоа свесно да ја прескокнете државната волја, изразувајќи отворено сомневање кон постапките на овластените државни органи?
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Најпосле бесно го прескокна едндекот и се загуби кон селото.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Тој подлец изгледа го имаше веќе здогледано наближувањето на непријатностите па сепак, во огледалото, со чудна ноншалантност си го бришеше со белата мека крпа измазнетото лице , а потоа не го прескокна и она долго размачкување на помадата по образите и по челото без да стори ниту еден неприличен гест, или барем да побрза и да ми се тргне од пред очи, како што постапуваше многу често.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
А може овој пат ќе ја прескокне куќата наша.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ти кажувам еднаш не треба не знам колку пати да ти се повторува овие три топлинки покрај тебе се како пламенче од кандилче најмал повеј на ветре или студена рака што врз нив ќе се подаде може да ги угасне ама ти пули и прави грижи се варди ги заштитувај ги со што ќе стигниш закрилувај ги со сопствената топлина со својата љубов оти нели се тие деца на нашиот син па затоа два пати думај пред да ставиш залак в уста дали не треба во нивните да се подаде за да се прескокне зимата за да се прескокнат годините за да останеме јас и ти во нив!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
И бидејќи имам лоша навика да го прелистувам весникот од назад кон напред, свесно прескокнувајќи ги страниците за економија и политика, но не со цел да се задржам на некролозите, туку на рубриката за култура (ако воопшто има таква во овој ден од неделата), случајно дофаќам две страни повеќе и кога во рубриката црна хроника, што ќе видам: Јадранка сликана во придружба на двајца батки облечени во униформи, очигледно припадници на безбедносните служби, кои ѝ помагаат да излезе од огромен црн џип, ламја од минимум 3000 кубика.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Во неа тој оптимистички ќе заклучи дека за наша среќа и за среќа на нашата иднина вистината напати без туѓа помош умее да ги прескокне сите објаснувања. (Еве и овде е загатната иако не сосема прецизно таа чудесна вистина што тој ја означува како подвижна).
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Така сега Крле прескочи уште првата година во II одделение и со својата бистрина и надареност просто го зачудуваше како даскалот така и сите ученици, а најмногу од сите се чудеше и со особено задоволство се насладуваше Нешка, која сега немаше потреба на часот скришум да го погледнува, ами на секој одмор сѐ го дочекуваше заедно да излезе со него и брата ѝ Стојана и тројцата да си ги повторат задачите или да си играат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Миладин прескокна преку ѕидот и се приближи.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Од девојчето што го прескокнува јажето и ги брои ѕвездите именувајќи ги, до цела една приватна енциклопедија на игри што ги регистрираат и изведуваат таткото и синот.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Кога ставаше нужда, за час се наоѓаа на друга планина, и прескакнувајќи ги длабоките долишта и урвини.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Бараа Герасим од Побожјане да раскажува за царски синови и старовремски левенти што со топузи кршеле ѓаволски рогови и прескокнувале со долгоноги бегири огнени реки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Овде ретко кој умее да го прескокне јажето на нацијата и патриотизмот и да се затекне во Доблеста која веќе нема никакво национално или патриотско алиби коешто, ете, во „кризни времиња“, ѝ дозволува да се заборави, то ест да биде употребна доблест на оваа или онаа нација.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Јас му раскажав за сѐ. Не прескокнав ниту еден детаљ.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Немој да лажит некого умот да прескокнат, да бегат, зашто ќе рипни на јатаганите и ќе истурит цревата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Навтапито ги прескокна скалилата, влегоа низ вратата без чукање или ѕвонење и ја затекоа идната снаа облечена а разбушавена, расплакана и уплашена, како мемоли нешто што не можеше да се разбере.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
По агресивните прескокнувања преку прагот, влегуваа во работилницата, и Милан се разлутуваше поради тоа зашто не сакаше тие да му ја гнасат работилницата, која беше преполна со секаков вид столарски алати и остатоци од дрва, алуминиумски ленти, конзерви со боја, четки за бојадисување, завртки и шрафови, што по големина беа класирани во стаклени тегли.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Нашето црвено ждребе, нашата улава стихија, кога би се сетило на овие ливади и на оваа месечина ноќва - тоа со еден единствен скок би ја прескочило високата планина на времето која нѐ дели, би ги прескочило сите ноќи, значи, и сите одминати години, и би се покажало од некаде, би се растрчало и потскокнувало, би виштело од радости, и не знаејќи дека со своите тенки копитца тоа тропа на вратите на сите кои растеа и трчаа заедно со него, заборавени веќе и покриени со крвавото руменило на залезот...
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Добитокот можеше да издржи ден, два без храна, тој можеше да прескокне еден појадок или ручек, но снегот по патеките не трпеше одлагање.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
До самиот врв прескокнавме осум редови, сега, плитки ровови обраснати со висока трева, и на тој простор се гледаат повеќе `рѓосани куршуми и празни фишеци отколку дробен камен.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе