разбуден прид.

разбуден (прид.)

До тоа време нашето национално самосознание беше разбудено само на половина.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
За прв пат откако дојде во бригадата, Мече усети колку е убаво тука наутро кога првите зраци на сонцето ќе паднат над разбудениот младински логор, што се капеше во утринската светлина и веселост.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Во тој свечен чин на неможното, кога дури и кобниците ги забораваат проколнувањата со кои се родиле и со кои ќе умрат премногу изморени за да прослават еднаш во животот и благослов, во водите престануваат вражбите: над дебел опаш на видра се смирува рој бели рибички, водените полвови со очи ја пијат ѕвездената светлост: потоците ги појат разбудените коренчиња на дуњите и сливите, жугаат од нив сончогледи и пченки, и уште подалеку,
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во својата голема одаја со чифит-ѕидови испрскани со златни капки (ѕвезди или дукати, стремеж кон пророковото стојбиште или бројки колку е издадено од неговата азна за издржување на медресата) не можел да ги преброи во сарајот ни атовите ни сеизите, ги штракал бројаниците над разгорен мангал и го чекал езанот на оџите да му се заблагодари на пророкот за сите добра на овој свет, потоа нагрнат со ќурк и со невидливи гавази зад себе стоел пред нејаките пупки на разбудените каранфили или замислено ја слушал опивната тага на чалгиите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А ако сакат да тепаат и разбуден да го најдат, зашто спаваш, ќе му речат и пак ќе го натепаат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пчелите одамна тропаат на вратите на сите видови цветови, а славејчето го извива својот тенок глас од рана зора до доцна вечер, скриено во мирисавите цветови и зелените лисја на разбудената природа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Меѓутоа, важно е што тој сепак зборува за таков процес, додавајќи притоа дека пред појавата на српската пропаганда националната свест на Македонците била разбудена „на половина”.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Разбудена среде ноќта те барам тебе во дел од моето тело.... тебе, мирисот на убавина во твоите раце... не се раѓаат повеќе такви како нас... срцето ми кажува стихови за тебе...
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Земјата блада песот нејзин плиска пена леплива и бледа ко долго помнење меѓу студеното камено писмо на вечните куќи и нашата разбудена сладостраст додека се губиме во шумата обострано!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ритамот на ресторанските оркестри на далечните отворени тераси го полнеше свежиот воздух на градот, разбуден по целодневниот дремеж на жешкиот ден.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Бебето мораше да биде разбудено. Звуците од трубите, саксофоните, тапанот и тубата одекнуваа во кругот на целата болница.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Си мислам: дали сум разбуден или сега почнувам да сонувам. Ништо не разбирам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Разбудена од бакнежот, просветлена од необјаснивата убавина што може да ја предизвика простата физиологија, тогаш, во далечната летна вечер, таа почувствува носталгија за тој чудесен свет што никогаш пред тоа не го доживеала.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Таа, разбудена од неговите вознемирени движења, се обиде да ја сврти работата на игра - го заскокотка по стомакот, а тој скокна од болка.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
И повторно пак тебе те гледам, Месечино и изгреву мој на исток, златна косо, насмевке милиони вредна, бесценета среќо во градот никогаш разбуден.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
Под диригенство на мајското сонце концерт во разбудената градина
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Мартин му ја прегрна раката, се поткрена кон неговото уво и шепна: - Тате, тој е! – рече и пак ги почувствува сите студени морници како му јурнаа по малото топло, тукушто разбудено тело.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Се слушаше од блиската соба кашлањето на децата. Беа разбудени порано ***
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Мислата великодушно му се напрегна за да ја опфати шемата за целата работна задача, со сите нејзини меѓусебни поврзани операции, а кога целата работа му се лизна од менталната контрола, и сега стоеше загубен, се чувствуваше како да беше разбуден од сон со силен удар по глава.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Разбудениот град со своите секојдневни шумови и звуци, животот разнолик и секогаш еден и ист, е исправен пак во утрото на подновените човечки усилби.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе