разнебитен (прид.)
Меѓутоа, првиот процес уште не беше завршен кога беа преземени сите мерки и беа употребени сите средства за да биде смислено скршнат и разнебитен од заинтересираните соседни држави, а револуционерното движење се појави дури откако националистичките пропаганди почнаа да го цепкаат народот и да го задушуваат токму тој процес на национално осознавање.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Храбро ќе минува крај разбеганите и разнебитени италијански војници за време нивната капитулација истата година.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Катаден на развиделина и квечерум од бараките и коњушниците се истура црневица и, разнемоштена, разофкана, разорлавена и разнебитена, трча накај џадето.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
А кога во време мала пладнина оттаму, од гората, се разнесе лелекањето на старецот (лелекаше и молеше тој за христијаните паднати во бојот со Турците на Марица и за сите христијани паднати во боевите со нив, лелекаше и ги колнеше Јована Кантакузен и Григорие Паламас, кои, за да се одржат на престолот на веќе разнебитеното византиско царство, се сојузи со нив, со поганците, а тие, пеколниците, кога се нашле едноаш на небранет пат, пред ништо и пред никого немало да запрат додека сѐ не изгореле и не испоганиле) сите го ожалија; си рекоа старецот, оставен сам таму во орманот, се поштукнал од умот и сега гласно си го кажува тоа што не смееше ни да го шепоти додека си беше прикрепен на умот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Чемерен, разнебитен, размеѓен – вудвосани старци, вдовици од шест војни, раскостени жени што ги наткаса болест, самоглавнички, доилки и чеднички и меѓу нив мажи разнеможени и мажи роболепници на сопствениот страв.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Во бараките и во коњушниците за чемерните, разнебитените, размеѓените и испадените, на сламеник и рогозина има само по четири педи место.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)