расплакан прид.

расплакан (прид.)

Погледни колку расплакани лица остави зад себе...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Се заниша малку се сврте ваму - таму, разгледа наоколу и кога го виде расплаканото девојче го расчепи клунот и гракна: - Гра-а!
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се симнува да си купи тага од улицата За да ја успокои својата утроба И расплаканата кукла на столчето.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Околу неа се врткаше мачката. Нејзе сигурно ѝ беше жал за расплаканото девојче па се галеше околу нејзините нозе и сакаше да ја утеши.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Го погоди болот на веќе расплаканата кукла.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Бате Јоле, расплакан, клекна крај неа преграбувајќи ја со левата рака и ставајќи ѝ ја дланката на нејзиното лево обравче, а од другата страна ѝ го навали образот и така милувајќи ја и гушкајќи ја, плачеше барабар со неа.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Навтапито ги прескокна скалилата, влегоа низ вратата без чукање или ѕвонење и ја затекоа идната снаа облечена а разбушавена, расплакана и уплашена, како мемоли нешто што не можеше да се разбере.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Беше тоа фантастичен и смирувачки зимски пејсаж. Идеален за галење на расплаканото дете во себе.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Расплакана Албанка, косите што си ги куби, фалби на Кузман му плете, бидејќи во оваа слава и подвиг ѝ убил можеби маж или дете.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
И одново тука, меѓу раздомените, кои со секој ден што одминува ја губат и надежта дека ќе се вратат на своите пепелишта и живеат со своите спомени и секој ден чувствуваат дека нема ништо пострашно од празнината, таа, меѓу овие старици и снеможени мажи, меѓу вдовиците и жените одделени од своите мажи, меѓу жените што секој ден намнисуваат за своите деца што се наоѓаат на фронт или под туѓи поднебја, меѓу постојано расплаканите и разврескани деца, сега се чувствува сосем сама. Сама.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Знаеше како се чуваат доенчиња, иако самиот никогаш немал деца, се впушташе во неверојатно интересни разговори околу исхраната за определена болест, ги предлагаше тие и тие видови пудра, на ливчиња испишуваше рецепти за приготвување лековити масти, ги регулираше квантитетот и квалитетот на напивките за бебиња, дури знаеше и како да ги држи: расплаканото дете веднаш се смируваше кога ќе го кренеше в раце.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Но и после, и кога беше совладан од тешкиот сон, таа црвојадина продолжуваше да го глода и да ги населува неговите соништа, терајќи го и таму, и во соништата, да продолжува да се ежи и да се преметнува, да стенка и со некакво чудно завивање да им се одѕива на сите оние расплакани и закискани од ветерот лелеци на дивината надвор.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
„Точно е, сѐ беше речено од моја страна онака како што веќе изјавив, и како што вели и Кубре“ се обидуваше да ја објасни својата улога во оваа несреќа расплаканата Росана, „но со една забелешка што мора да се има предвид.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Замаглено гледа на развиканата и расплакана бегалска толпа што како огромно црно платно налегна и ја покри целата ширина.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
И така, во намисувања за деновите на пониженост и миговите на гордост заради тоа што се успеало да се опстане и да се пркоси на сѐ што било туѓо, немило и недраго, омразено и мрачно и што било судбина натурена со туѓа рака и волја, си тече животот во тесната котлинка меѓу коњушниците, подгниените бараки, трите казани, прашливото џаде, камионите што двапати на ден пренесуваат ранети и оздравеници, лелеците и тажалките, полудените, падавичарите и црневицата расплакана, болна од чемери и исчекување.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Не сонувавме раззеленети ливади, созреано овошје, распеани птици... туку опожарени куќи и расплакани мајки…
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
А времето навистина беше веќе отворено и можеше да го листаш како оној албум со слики на братучедата Роза, и, разлистувајќи ги страниците, ако гледаш внимателно, ќе сретнеш секакви лица: и насмеани, и зачудени, и несеќидневни, и обични; само расплаканите не ги спомнувам бидејќи секој си ги брише очите пред да застане пред фотографскиот апарат.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
XVII Мајка никогаш, никогаш во животот не ја видовме расплакана, ниту во несреќата ниту во среќата. Ги задржуваше храбро солзите.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Расплакана жена во одминати години, излезе од пожариштето и кога пред себе го виде Ѓорѓи, застана како омелушена. Секна плачот во нејзината уста.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе