сињак (м.)
Беше почеток на октомври, утрото студеникаво, некаков проѕирен сињак ми се нафаќаше по брадата и мустаќите.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Тогаш тој можеше да здогледа како се преметнуваат еден врз друг и како почнуваат да патуваат некаде кон југ сите тие памучни облаци, добивајќи и самите некаква потрусеност на сињак во своите израскинати параници и, уште веднаш, штом ќе му се стореше дека веќе ниеднаш нема да има над себе едно такво смирено небо, еден друг ветер, еден многу поблаг и попитом ветер, многу посилен со својата смиреност, ги земаше пред себе сите тие облаци и набргу потоа тие пак се распостилаа по сета небесна шир, питоми како јагненца и меки.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Побеле, ко да го наврна снег, ко да му падна сињак на косата. Така, дури стоеше пред мене.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Паметам оти по сокаците таа вечер, речиси секоја година, имаше крцкав снег. по стреите на куќите висеа долги мразулци, а сињакот ми ги боцкаше ушите и ноздрите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Наднесена над поднамодренотo лице Дедомразово подзамрежено од декемврискиот сињак, со нежно памукче на усничките, убавицата ги собираше капките претворајќи ги, притоа, во нови мустаќи, нова брада.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
7 Брчки - мравји траги на грижи преку невисокото чело; очи - претпазливи жужалци во темномодри глобови со тајни на дното, црвеникав сињак во едномесечната брада ...
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бино се однесе кон ова писмо како Јован кон неговото кога му го однесе Коле Куков на Сињак, та и тој ги повтори тогашните Јованови зборови кога го прочита: „Ќе му кажиме, кога ќе го видиме“, го искина и продолжи со потерата да го брка Јована.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Како пара од огромен казан, над Водно се пластеше густ сињак, се лелееше по модрите ридишта и заплашуваше со дожд и студ.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Пишување на согласката њ Се пишува њ: ● Во зборовите: дење, сињак, сукња. ● На крајот од зборот, во зборовите од домашно потекло во стандардниот јазик, се пишува единствено во зборот коњ.
„Правопис на македонскиот јазик“
од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје
(2017)