слонов (прид.)
Почна да тоне во некаква млакост, во која сите работи добиваат некоја чудна извртеност, некоја лудечка испреметканост, а пред некој негов внатрешен поглед, кој остануваше постојано да дебне и во тој полусон, кој беше исто така негов и исто онака вистинит, тој се прегрнуваше со некои двајца луѓе, што требаа да заминат, а веднаш потоа ги гледаше оние двајца како застануваат крај патеката, како дрвјата, пренатрупани со окит, од кого веѓите им беа сосема бели, а со него се прегрнуваа сега и исчезнуваа полека по снегот нагоре, едно по друго, сите тие дрвја, а тој им намавнуваше ним со рацете, со сите свои десетина раце, од кои како бели перници се стреснуваше некаков окит, а за сето време некој некаде продолжуваше да го дупчи тоа, да го пробива, се мачи постојано да го пробие, со некаква долга шилка, бела и цврста како заб, како од слонова коска, но она се надига пред таа шилка и таа ниеднаш не успева да го продупчи...
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Купив нови чаши и ги поставив на кујнската маса; сликите се закачени како што треба и висат под прав агол; витрината ја истуркав во десниот агол од дневната соба и сите украсчиња ги наместив како што стоеја отсекогаш: лулето, кристалното еже, дрвеното кутиче, порцеланскиот свеќник, пепелникот од слонова коска, школките и камчињата што ги донесов од еден одмор...
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
30. По тротоарите има многу кучешки измет во јарки бои: окер, сива, железно-жолта, сиена, зеленикава, темна слонова коска, црвена.
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Облите колкови твои се како веришки, дело од рацете на вешт уметник, папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови; двете твои гради – како две јаренца, близначиња на срна; вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – Есевонски езерца кај Ватравимските порти; носот твој – Ливанска кула, свртена кон Дамаск; главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја како пурпур; цар се вплел во плетенките; Оти ти рекла: положи ме како печат на срцето свое, како печат на мишката своја, зашто љубовта е силна како смрт; Оти: си ја зел за рака и таа те повела во вселената своја, во лозјето, во градините, меѓу кринови, меѓу двата нејзини колка, две веришки, две кули камени, во својата утроба, во купа пченица, па си ја познал буквата-девојка, и си го настанил семето свое во утробата нејзина ѓаволот што ја отворил за тебе, како порта што води во темен стан, во најтемна ноќ со јасни ѕвезди; Оти: си се разбудил одеднаш, пред полноќ, во прегратка на блудница жена, и си залелекал, си спискал, оти си видел дека буквата-девојка си стои негибната во клопчето од записот, невина сосем, недопрена од раката твоја страсна, и си сочинил, бргу-бргу препис на преписот; Оти: навистина си сочинил препис на преписот, со буквата девојка среде клопчето, и си ја нацртал уште поубава, и си отишол во западната одаја, и си сакал да ја оживееш, како Господ да си, оти само тој оживува и умртвува, подига и унижува; но ништо од тоа, оти буквата девојка, и сите други букви од умножението на преписот се сториле бројки, кога си го пречекорил прагот на одајата западна; Оти: си ме оставил мене, твое семе во таа утроба, и кога ме родила утробата на мајка ми, ти веќе не си бил жив, но братот мој, Лествичникот, знаел што бара новороденчето пред вратата на одајата на блудот и не ми кажал; Оти: се плашел од мене, оти од средето на писмото сум зачнат, од буква-девојка, оти сум Сказник и сказанија измислувам, и Мозаичник сум, оти скршеното го составувам; и се исплашил Лествичникот да не му го одземам првенството, па го сокрил родословието мое, да не знам кој сум и дека предодреден сум, како Сказник и Мозаичник светот на грб да го носам, на крстот мој!
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)