смали (св.)
Во летната кујна пет фамилии готват на еден шпорет, кој на волшебен начин ја има смалено моќта и брзината, па со часови чекаш да дојдеш на ред.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Големата река од едната страна на стопанството Острово толку многу се смали што дури и децата ја прегазуваа на најширокиот дел, а каналот оти постојано свртен кон пиперките и доматите речиси остана без вода од мовчето преку кое се влегува во населбата внатре па сѐ до спојот со реката.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
На Бадник, празникот кој им значеше живот на моите домашни, бидејќи редовно се колеше по едно живинче, оваа година на мојата трпеза се најде едно младо, невино, штотуку од цицка оттргнато јагненеце, сирото толку се беше смалило од печењето што целото така расчекорено со сите четири, го собра во тавата.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Туку ќе му се смалат очите, ќе застенка и ќе падне, ќе си го голтне јазикот.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Едно време веќе сум сосема смалена, речиси залепена за земјата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Треба гледалиштето да се смали, а просторот за игра да стане голем и простран, со опрема за ТВ преноси за оние кои повеќе сакаат да останат дома.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
„Ме исплаши“, рече прибирајќи си ги нозете една кон друга и загрнувајќи ги со полите од бањарката, подисправајќи се на тоалетното столче од што задникот пред моите очи како да ѝ заигра, предизвикувачки, како да ѝ се смали и да ѝ стана поподатлив за моите веќе полакомени дланки.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
За да ги оттргне од себе нашите приковани погледи и за да ја смали напнатоста, со неприродна благост, прв ни се обрати: – Што сте се уплашиле толку, деца?
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Цел живот ги гледаш своите другари, соседи, пријатели, исправени и горди, како шетаат со своите соништа низ времето и туку одеднаш ќе забележиш, тие спокојни и чесни луѓе како клапнале, се подвиткале, се смалиле...
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Бројот на луѓето пак се смали. Оние од придружбата во едниот џип, сосе џипот вилус, си заминаа назад во градот, а другите тројца, го оставија оној друг џип лада кај куќата и тргнаа по мене.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Големиот Томо речиси во миг се смали.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
- Денеска тој, утре ние, велиме и се собираме, се смалуваме. Мислиш и главата ти е смалена од студот.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Возев умерено. Видливо ја смалив брзината, со надеж оти транспортерот, ќе ме одмине. Но тоа не се случуваше.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Луција беше и понатаму убава, иако беше некако смалена.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Туку гледате, ги исфрлиле од себе неубавите, груби капутишта, ги слекле тешките војнички кондури, која боса, која по калци, бели, домашни, која по свилени чорапи добиени на крос-контрите (како награда), - која по гаќички, која во селско шајачно фустанче, која со долги, мили раце, бели, слаби, о боже, некоја што била малечка се извила, заластарила, високо, до небото, друга се смалила, се свиткала, се подгрбавила, о господе боже!
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Со прстите се посилно ги стега усните и, гледајќи го така натажен и смален, не знаеш дали сака да спречи збор, плач или крик.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Квечерина одново кога ѕирнав во книгата ми се стори дека побелеле, се смалиле, и позаспале како дечиња во постелата на книгата – ги покрив со темната покривка на моите горчиви години.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Му личи, од тие причини, пајакот на бог презрен и казнет од другите богови, смален и фрлен на лицето на земјата, да биде вечно исмејуван како мал создател, создател на мали, ненужни и непостојани вселени, ткаени од пајажинест конец, вселени трајни колку и мигот.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Гледајќи како се оддалечува Чана, а никако да ѝ се смали фигурата, Пелагија се прекори себе си за лошата мисла што ѝ го жегна срцето Не, не, нашата врска е посилна дури и од онаа што ме врзува со мојата Добра!
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Осетно ја смалив брзината. Запрев. Запре и транспортерот.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)