смирен (прид.)

Оти пајакот најчесто лежи во точката среде што ја викаме и што најмалку се гледа оти средето е скриено внатре и затоа среде се вика; лежи таму создателот, примирен, смирен, кроток, како Бог за кој времето не значи ништо и гледа, демне, слуша, секое треперење на струните на својата вселена, на нишките од мрежата ги слуша, ја слуша музиката нивна семирска!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Посакуваше така смирена да поседи колку што може подолго, но здогледа некое делче од некое суво планинско цвеќе на футата и со прстот и показалецот внимателно го фати и го фрли онака во тревата.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Таа лежи смирена и нежна и не го чувствува неговото присуство крај себе.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Те погледнав свету И мрачен ти беше (божем погрешен) Црно на бело крстозбор решен Кон светлина божем почна да идеш Но рабови тенки, кршлива рамка И овде-онде-пак црна дамка Те допрев потоа за сигурна да бидам Дали по патекава мека и тенка Можам воопшто на кај тебе да идам Или мене само така ми се виде А по текот твој и други видов нешта Девојка невешта по истиот пат Со мисли во облаци чекори кон Ад Со допир стаклен и смирен поглед Ко кукавица птица в незнаен лет А зад неа: надзирам јас со двоглед: – гледам кристално јасно низ овој проѕирен свет! 2001
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Играа тројцата пријатели покер со смирена гордост, во тишина, небаре се наоѓаа на последното бојно поле на кое можеше да се брани и спаси честа.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Современото мислење и осетливоста при регистрирањето на пулсот на нашето време останаа и понатаму негови истакнати одлики, но неговото двоумење помеѓу крајните луцидни увиди и понекогаш крајно детските, искрени и погрешни процени или пусти желби, сега се смирени со пообразложен и посеопфатен начин на мислење.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Мајка ми нѐ пречека, смирена, на порти кога нѐ виде сите заедно, со сите кози.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Жеравите беа драг спомен, убаво сеќавање на смирените предзимски ноќи в село, кога децата со нетрпение го очекуваа снегот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тој лежи смирен и силен и го чувствува нејзиното присуство крај себе.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Го очекувавме плачот на нашето братче или сестриче, за да ги претвори мајчините болки во смирени и радосни извици, нашиот страв во радост.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Од тоа, а и од некоја синикавост, што ја фрлаше пред себе уште далечниот ден, која сѐ уште остануваше неодредена, но не можеше да биде незабележана, стануваше уште пораскошен и со уште повеќе дипли златниот вез на ноќта во дрвјата, над кои сѐ уште ѕвечеше со своите златни прапорци смирената месечина со некаков проштален, тажен призвук.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Родителите имаа притаена и смирена побожност што никогаш не ја пренагласуваа низ верски дејства, повеќе во нив беше насобрана некаква нужност за верување во единствената семоќна сила, по толкуте неприродни умирања во семејството, ненадејни и неизвесни преселби, постојано страдање, нови напори за прилагодување во туѓата средина...
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Во оној час кога таа се доближи навистина без видливи движења и само малку се надви над моите очи, во оној час кога во возбудата и во душникот почувствував скокоткање на мравји разбудувања, невидлива чучурлига го прогласи денот за почеток на пролетта: ливадите ги покриваат белокруни колениши, се разбудува меѓу шаренолисни крвариги желурок и со пренежен писок бара во капинова грмушка оклопена невеста, и се дуе во стоплена бара жерав пред бели птици со смирени крилја, почнува, мислев, зашто сега и водите и небото се сини и дарежливи со светлост, а на прагот на собата падна парче сонце и се разлеа стопено од своја топлина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На него витез во оклоп седи смирен. Се спрема за борба крилата и вишна.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Со загадочна насмевка се провлекуваше низ блутникавите рефрени и распашани подвриснувања и оставајќи ги се спушти до солениот, карпест брег, со поглед закован врз смиреното море, над кое трепетливо испаруваше Месечевиот бакнеж.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Беше смирен човек, не паѓаше лесно во стапиците на вознесот, на оптимизмот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Неговиот судија или спасител се наведнал. И самиот веќе смирен, речиси и глув и нем, минувал со палецот на левата рака преку челото на старецот, барал и стискал додека не почувствувал мека гасеница под челото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И пак: Во Жешов раскошно расцутеа дрвјата, а ветрецот расејува снег од латици низ просторот, поигрувајќи си со нив, а потоа оставајќи ги да паѓаат по крововите, по жирадоата, елегантните женски шапки на минувачите, по јармулките и црните рабински капи со широка периферија, на рамениците од старците што на пријатната пролетна сончевина забораваат на својата возраст и живо дискутираат на својата пролетна променада, во очите на госпоѓиците, и во нејзината душа која е смирена и иполнета кога е во тој питом предел за кој не може да престане да го мечтае и сонува... 
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Затоа беше смирен, колку и да беше погубен за сите нас гласот од радиото: – Планот за уништување на козите е разработен и до најмалите подробности, на високо републичко и највисоко федерално ниво.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Повеќе