спила (ж.)
Потоа го соблекува палтото, му го подава на Васила и зема да се качува направо спрема седелката, која е водорамна пукнатина во спилата и пред која, од левата страна, расте ниско и осамено дреново дрво; за него, смета Максим, ќе се држи кога ќе го убива кобникот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ем јас чунки сум прв на земјава наша, како војводата ваш што го имате во Прилеп, така и јас сум овде, - да сум ја опколил сета земја околу наоколу сум видел оти не може ништо да се прибере од лоши спили и далги.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
– „Ете како: откога влеговме в гемија во Солун, кога нѐ забра еден силен ветар, та кога ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силно морето и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и за касметот мој ме исфрли на една штица морето на суво.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Пак доаѓам при вас, о врвови вишни, по планини жедни, низ безводни спили, да видам јас скрки и долинки скришни што крвта ги багри на јунаци мили.
„Локвата и Вињари“
од Лазар Поп Трајков
(1903)
Кланицата се наоѓаше недалеку од градот, на брегот на реката, меѓу острите спили на кои беше изградено Калето и стените на ридот отспротива, на кои мноштво белоглави орли, мамени од мршите, ги градеа гнездата.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
– „Колку за гемија, Силјане, околу нашава земја не е чаре да може да дојде, чунки бијат талазите во бреговите и околу наоколу бреговите се спили и камења.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Каде завршува пештерата на болештините? Кои шарки ја држат вратата од спили?
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Откога се паметува, а овдека се паметува и од времето на времињата што биле пред ова, живее сам таму, во првата спила на Камен.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Бикот подзастана, затресе со главата од која шуркаше крвта и во бег го фати косиот пат кон реката, кон спилите од задната страна на Калето.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Ланската година, во пролетта, кога Јаузоските раетини кршеа камен за новата кула Јаузоска, Андон Анѓелов Јанчески, вториот Анѓелов син, бил искачен најгоре на спилата и како што измавнувал со чеканот, однатре од спилата бувот му се џитнал право в лице и додека Андон се тркалал прудолу по спилата, тој, бувот, како од праќа фрлен, се изгубил во шумата под Камен.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Под него стрчат спили како разголени челусти, а под нив се удира и пени морската вода.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Горе во планината трепети оморина пред вжештените спили.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Кога стигнуваат пред првата спила, во којашто се најдува седелката на бувот, Максим, испулен спрема пругоре, миг, два, размислува од која страна да се искачи дотаму, до седелката, скришум, за да не го исплаши бувот па тој да излета.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Во тие денови на младоста, кога смртта беше толку далеку, времето не беше време, а староста беше само оддалечен ехо од некоја спилја.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
СПИКА - На убавата ко слика спикерка во кревет ѝ се спикал еден спијач. Како е твојата спила, драга моја; пие ли нешто “, или има спирала!?“, ја прашал спијачот изненадената спикерка. „Пие спиритуално и мрази аспиранти!“ рекла спикерката. „Дишан“, рекол спијачот, „спиритус, спирала, аспирант...“ „Гринавеј“, рекла спикерката, „лошиот господин Спика и фината Џорџина...“ „Ете, сплискавме уште еден разговор“, рекол спијачот. „Без да спискам!“, рекла спикерката. Спијачот се насмеал и заспал.
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)