страст (ж.)

Писокот не може да се измери ни со акустичен барометар, стрелката се скрши од насилничка напнатост, разнесена во ширината на хоризонтот, на линијата каде небото и земјата бакнежи со страст споделуваат..
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Оние на кои им значи огнот со време ги курдисуваат срцата на забрзано чукање и пред да го започнат почесното сркање на новите страсти кришум прегрнати среде бел ден севезден дуваат во мангалот на Хипократ и ги разлетуваат како диви гулаби скриените жарчиња од кои се ројат палави светулки за новите ноќи.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Тој поглед во кој е измешана есенцијата на љубовта и страста вечно ќе пламни во тие горди очи кои горат во крвавиот залез на недопрениот хоризонт кој ги поврзува небото и морето.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Кревалката е да ја крева маглата од полињата на страстите да не им пречи на сите кои во занес плетат корпи за брање свежи воздишки
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Конечно процвета и мирисниот лилјан опкружен од црвените рози на страста.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Царски е патот на змиите: ја сечат отмено поврвнината на брановите, легнуваат по карпите тивко, како сонце на залез се лизнуваат меѓу нозе очи в очи се судираат, исчезнуваат без страст, без отров секогаш совест од којашто извираат водите, се ведат змејчињата за да се одржи невидливата рамнотежа - услов без којшто не може ништо на веков.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во третата фотографија млада жена го препознавам ликот на една моја поранешна девојка, со која ме спојуваа екстатични мигови на телесна страст, а ме оддалечуваа баналните љубоморни потпрашувања.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Водењето љубов меѓу нив истиснува неверојатен бумеранг од страсти.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Премногу сме приземни. владееме со умешноста да се наднесеме над бездната како големите мрзеливи птици Но нив гладот ги води а не страста за летање.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Стоев настрана и молчев, никој не ми даваше право да речам дека мојата страст се растенијата.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ако ги елиминирате популистичките национални еуфории и ситните манипулации на овој план кои не се ништо друго туку само една бесполезна ниска страст за масите која во фундусот на историјата неминовно завршува или како евтин културен и политички кич или како невкусен и дегутантен хорор, националната еуфорија може да биде позитивно користена од визионерите на општеството, уметниците, научниците и политичарите хуманисти како генератор на големи уметнички, научни и социјални потфати.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Терапевтот будно ги следи телесните реакции на Лена, координираат ритамот на нејзиниот говор и дишење, поставувајќи прашања кои отвараат простор за нови нарации: Ако таа го напушти бракот од љубов и страст за да биде верна како телесните добра сопруга и добра мајка во стабилен дом, кои настани ќе ја обликуваат нејзината иднина во годините што доаѓаат?
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Најпрвин беше замислила еден сосема класичен и глупав почеток: директорот на училиштето да им се обрати на учениците и родителите со свој говор (сите знаевме дека тоа е неверојатна глупост, оти Фисот не знаеше да срочи повеќе од два збора на хартија, и тоа под услов да бидат напишани во два различни реда; тој имаше страст за решавање крстозбори и анаграми и сите имавме впечаток дека допрва ги учи зборовите како средство за изразување).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И младата Арапка го дарува со ненаситноста на својата страст и љубоморно бдее над него.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тоа му ја зголемуваше страста за создавање.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Страста кон него кај мене веќе беше сосема изгасната; не ни помислував дека би можела со тој човек, после толку години да се прегрнам, или да водам љубов.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ноќта е црна постава на денот што се превртува како маскарада Таа е темната утроба на гласот што низ сите ѕвезди везе молчење Најмногу ги сака постелите кревки сред шумниот мирис на боровите Интимна е тогаш и гола како страст што низ смеа мами вечна тишина Па ако тлее нешто живо во неа ќе пеам што мртво не е уште сѐ
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Под твојот кревет дреме пеколот. Експлозивите ќе ги збришат долните страсти и оргиите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Веројатно тој веќе беше сфатил дека страста на Јана тргнала во некоја друга насока!
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Тогаш сметав дека станува збор за екстаза во која највидно место заземаше токму страста.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Повеќе