тава (ж.)

Секој крив и куц што врви застанува и чукнува на џамот, или фрла грутка земја или мало камче, или го издолжува вратот и ни гледа во тавата со храна и во шишето ракија, ако имаме.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Се разбира дека сватовчините нарачаа тава за вечера.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Невестата Менка ја распали борината на светелникот и отиде во земникот да извади маст, сирење и некоја пиперка да запржи на тавата за гостите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На Бадник, празникот кој им значеше живот на моите домашни, бидејќи редовно се колеше по едно живинче, оваа година на мојата трпеза се најде едно младо, невино, штотуку од цицка оттргнато јагненеце, сирото толку се беше смалило од печењето што целото така расчекорено со сите четири, го собра во тавата.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Го печам брашното в тава, а децата само ми крадат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Додека мајка ми со каленицата беше отидена да пушти вино, баба ми во едно чинивче ја стави другата половина од компирите од тавата и, како со потфрлање, им ги подаде на дедо ми и на татко ми.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Кога децата ќе се заиграат помеѓу себе, тогаш и ние двајцата ќе можеме да се придружиме на трпезата да принесеме уште нешто, пред да ја изнесеме најголемата тава што специјално за нас ја печеа грнчарите дури во Велес.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Толе поседе во Прилеп четири пет дена. Му занесе на Горѓија четири пет тави дебело бравско месо, но не го пуштија да се види со него.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Се разбира, при надоместувањето на настанатата штета учествуваат сите тави случајно присутни во неговата фурна.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Со тава од фурна, со печено месо на жар, со риба пржена во тавче, со домати и пиперки, и со лубеници, кои овде лете ги има многу.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Набргу им се придружија и сопругите, на брзина ги кренаа празните чанчиња од мезето и потставија две кафеаво црвеникави тави во кои имаше по две големи половини модар патлиџан, исполнети со богата содржина на јадењето имам бајалди (онесвестениот имам), од кои се ширеше миризбата на печениот зарзават, во покрај модрите патлиџани, се гледаа златесто зеленикавите испечени бамји, ситно сечканиот магдонос, зелените позлатени пиперки, растопените црвени патлиџани, прошарени со испеченото мелено телешко месо.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Оти трпезата само се полни со јадења, јагнешко печено, дроб-сарма, тава со ориз, рогушки и смокви и што ти не.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Го подгреа здрвениот качамак во тавата, скрши поголемо парче сирење и по пет минути тавата беше како измиена.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Мајка ми беше излезена да му помогнеме на татка ми да го растоварат магарето со дрва, а тие, браќа ми и сестрите, којзнае каде беа забарани, а баба ми дојде со тавата на огништето да прави кавурма да ручаме.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
По него трза калајџијата од Крушево што идеше да ни ги поднови тавите, тепсиите, ѓумовите.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ја симна тавата, за пол саат прочврча сланината и појадокот почна.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Се засука Митра пак. Ја зеде тавата и маст, ѝ даде на Доста брашно и една ваганка да размати тесто за питулици и напржија еден два саана.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тенџерињата и тавите што блескаа, чиниите што беа сместени во шпајзот за порцелан, редиците чаши што беа на полиците, сите предмети во кујната, во трпезаријата и во гостинската соба, изгледаа како да знаат дека се сместени таму затоа што Кети сакала да бидат таму.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Кога лебот доволно се натопи во маслото и во колибата замириса на пржено, Бојан изрона одозгора и парче сирење, па пак ја стави тавата на огнот, убаво разбркувајќи го со лебот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Па, од сопствено искуство, ако љубовта ви се разводнила, побарај на Бит Пазар нова земјена тава за добар, густ, скопски, а плати го како тетовски и – чекај.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Повеќе