темелник (м.)
Побрзај и благо притегни го знамето над срушената новоградба, зашто камен темелник во зидините на срцето притиска од срушената арматура што двајцата ја градевме со челични столбови закопани длабоко во душата...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Кога се правеше гробот, кога ќе почнеа темелите да му се копаат, да се поставуваат темелници на споменикот, се канеа сите блиски и роднини на покојникот, како куќа да се прави: се колеше јагне или овен, се редеше главата во темелникот, се правеше ручек, се викаше попот, и тука заедно со мајсторите се јадеше, се пиеше; пред тоа, попот Матлија со крстена водица ќе го осветеше гробот, ќе му пееше молитва, ќе фрлаше поглед на плочите и камењата стокмени за споменикот, ќе ги пофалеше мајсторите што ги делкале, домаќинот што стокмил пари за споменикот, а потоа, сиот измастен од месото што го дрпаше, го поземаше бинлакот со вино и долго го држеше на устата како да го подува.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Крвта му шикаше од грлото, кркореше и го прскаше камен - темелникот.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Стариот ковчег, во распеани бои, со цвеќенца, со иницијали, паѓаше в очи зашто стоеше како камен – темелник на нов дом кој почнуваше да се ѕида.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Подножјето на ридот е поделено на парцели и на многу од нив веќе е ставен камен – темелникот на идните хотели и пред нив разделена е и плажата сега обрасната со тревишта.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)