течно (прил.)
Знаете, креативноста не дозволува да биде индоктринирана. Никому не можете да му ја затрете смислата за хумор, таа брза релативистичка способност на течно и брзо жонглирање со идеи.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
Железото веќе се топи. Станува течно како вода.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Личеше на студент седнат на испит, но зборувањето му беше сосема различно: течно и сигурно.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Крупни црни очи како црни цреши, боја на лицето како течно злато, забите бели па насмевката се разлева, кога ја гледаш како сонцето да те грее.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Рада, која секогаш говореше течно, почна да пелтечи. Лицето ѝ доби восочна боја.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Сонцето како течно злато се разлеваше по водата, блескаше, ги опсенуваше очите; Висар тешко се приспособуваше кон таа силна светлина; од шумот на веслата дивите патки пркнуваа пред нив и се преселуваа понастрана барајќи мир и спокојство; Висар му го вртеше грбот на сонцето и ѕиркаше во водата која ги менуваше боите спрема длабочината на езерото и гледаше во јадиците и канџите што ги спушташе Трајан; кога ќе се занишаше конецот, Трајан го креваше нагоре, го собираше и му даваше знак на Висар дека е фатена риба; Висар трепереше од радост и ѕиркаше во водата да ја види рибата; кога рибата, влечена нагоре, ќе дојдеше во погорните води, ќе почнеше да разлетува и да шета дè ваму дè таму, правејќи секавични движења и обидувајќи се да го скине конецот; но колку што конецот се собираше и ја доближуваше до чунот, таа сè понемоќна стануваше, ги скротуваше своите напнувања, чувствувајќи болка од јадиците и канџите во устата; тогаш Трајан отсечно ја тргнуваше нагоре, а Висар го потклаваше оршето под неа и ја внесуваа во чамецот; потоа го проверуваа другиот конец и почнуваа да го тргаат и собираат; рибите скокаа во чамецот, пласкаа со опашките, подзинуваа по воздух, а потоа се отпуштаа и се смируваа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Поради тоа Едо доби неочекувано силна волја што поскоро течно да зазборува англиски.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Или, поконкретно, како учат геј- и протогеј- децата да се впуштаат во толку канонски машки геј- културни практики – како тоа толку течно го проговоруваат јазикот на машката геј-култура, небаре им е мајчин – на толку кревка возраст, а да не ги одгледувале уште од колепка геј- мажи?
„Како да се биде геј“
од Дејвид Халперин
(2019)
не ги слушав и ги заборавив уште пред да видам дека ме сметаат за варвар: во мрак, оној што во таквите продавници секогаш лежи на одредено место како задолжителен дел на општата патина, здогледав женски портрет, масло на платно со размери, слободно проценети, 45 x 60, и останав нем и уште еднаш како во онаа декемвриска ноќ облеан однатре со течно олово.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Бев убедена дека нема лоши деца, што и навистина е, но не знам зошто, дали фактот што сѐ уште не зборував течно француски, дали нешто друго беше во прашање, тој некако не ме прифаќаше.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)