трепка (ж.)

3. Распосли си го окото - мојата љубов сака да патува мојата љубов сака да залута да се врати, да нѐ спаси мојата љубов сака Во предградието на твоето око трепките си поигруваат есен, отвори, патникот кој чука е љубовта ќе влезе за да побегнеме од времето меѓу градите отсекогаш сум носела виделина окото твое отсекогаш ме барало мене - разбуди го, ноќва како на сон те сакам, погледни ме, љубовта да ми патува...
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ми се нафатиле солзи на трепките и го гледам како низ некоја коприна, што се вели, како во вода да ми е влезено со лицето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Го видов како падна врз најскриената соба, позади амбарите полни со жито, па ги погоди трепките, желни за уште сон, на прабаба ми, на најизмачената старица...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Експертите по сликарство, спротивно, откако со пробивен поглед, низ трепките или окалките, ќе се здобијат со општ поглед, односно впечаток за сликата, му се доближуваат на платното со бесшумен чекор на ловец кон дивеч и со око како лупа во едната а со нокот како пинцета во другата рака почнуваат да чепкаат по боите а особено под боите, во потрага по тајната или прелагата на мајсторството.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Снегулките ми застануваат на веѓите, на трепките и ми се топат надолу по образите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Овде си постојано, ги гледам твоите зеници како танцуваат на моите трепки, а твоите раце се гушкаат со моето тело.
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Едната трепка ѝ сени на другата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Трепките ѝ ги засенчиле вцрвените образи.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
И на голи очи му паѓа снегот, му ги покрива трепките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И тој само клепа со влажните трепки, си ги брише огледалцата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А секаде е усвитен воздухот, ни ги подгорува алиштата, ни ги чвркосува веѓите и трепките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Мижуркам: низ трепките сончевината се распаѓа во многу дробни ѕуници.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Снегот само си паѓа, ми застанува и на трепките, на веѓите, ко скинат лист ми трепери неговата светлина.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Змијата во кошулата на вечноста Вечноста во Словото Твое.
„Правопис на македонскиот јазик“ од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје (2017)
Лицето ѝ е без веѓи, без трепки, косата ѝ е подгорена и сроната.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Чпртото носе кое благоста на детското лице ја правеше уште подетска, го затапуваше впечатокот од силните веѓи и густите трепки, кои од горниот дел на лицето веќе војуваа со оној што го гледаа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Неговите бели и куси трепки не можат да ја сокријат празнината во жолтите очи.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Оти ти ги подгорува веѓите и трепките. Ти ги раси очите со паулици.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И Мирче се сврте со навлажени трепки кон селото. Очите му се подзаматени.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не можам да го запрам како што не можам да го запрам ни ликот што ми заоѓа зад работ од твоите трепки по кои вјаса брзакот на ноќта.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Повеќе