украсен прид.

украсен (прид.)

Сум видел како од убав автомобил, низ отворен прозорец се подава женска рака богато украсена со гривни и прстења и како од неа на коловозот паѓа кора од банана!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Во широката и богато украсена свечена сала султанот почна со аудиенциите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Транспарентите и постерите со кои беше украсен плоштадот беа погрешни !
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Маса народ тргната од некаде за некаде, се движи како несопирлив бран украсен со разнобојни транспаренти што поединци ги носат кренати високо над главите, со знамиња што се веат над нивните глави, со извици што се креваат до небото и со барање на кое мора да се излезе во пресрет.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Го повикувале на свадби, на сунети и на празнични седенки да везе на тамбура украсена со седеф.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Највисоките претставници на дипломатскиот кор беа построени како убаво наредени и украсени големи саксии со цвеќе во свечената сала на УНЕСКО.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Наградите, дипломите и плакетите стоеја на свечено украсената маса пред тројното жири.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Лево, напред, врата, а во дното долап; меѓу прозорците огледало од горе малку спуштено и украсено со крпа со домашен вез во форма прозорец со расечена завеса и од горе на среде преврзан со корделка.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Резултат од нашите секојдневни еко - активности е чисто училиште и училишен двор, украсен со зеленило и цвеќе.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Штотуку го отвори учебникот, сѐ уште педантно завиткан со украсната хартија, со која мајка му имаше обичај да ги завиткува неговите книги, почувствува туѓо присуство зад неговата глава.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
На истото место кај што век и пол подоцна ја соѕидале Αγια Σοφιαζ лежи султанот Бајазит Втори кој загледан во летот на своите соколи подарени од Норвешка копнеел качен на бел коњ, украсен со златни узди и узенгии, да се види себеси како влегува во катедралата Св. Петар и како се упатува право кон олтарот во кој да го одмори својот бел коњ и тука да го напои и назоба...
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Аквариумот го средив како сон. Го накитив со украсни билки.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Од таванот украсен и ишарен во средината и на четирите ќошиња со длабока, на орево дрво, изработена резба, висеа големи гроздови миск, лисиче, каланпарај и друго грозје зачувани уште од есента, повеќе за личнотија, бидејќи за јадење се пазеше во мусандрите одбрано грозје.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во Ресен соѕида голема куќа со длабоки ќерали, со резба украсени одаи и широки чардаци.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Надворешната врата од црковниот двор, украсен со мноштво цвеќиња, е затворена на катанец.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Градските татковци навистина се погрижија плоштадот и улиците кон него да бидат раскошно украсени и осветлени, а сред плоштадот - извишена елка светкаше во различни бои.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Сите кои имаа можност да ги видат, а можеше секој од Потковицата да ги види, беше само да отиде дома кај Акиноските и на надлежиот за тефтерот, по правило тоа беше најстариот од нив, да му раскаже нешто кое навистина се случило и кое ги засегнуваше сите од ред во Потковицата, остануваа стаписани од големината нивна (собрани на куп, со тевтерите можеше да се наполни доволно еден дел вејнички куфер) и од писмото во нив: беше чудесно испишано и украсено со разно-разни шари.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Устата да ти се позлати, сестро, - кажи, стопи ми ја грутката во градиве... - се одѕва молежливо мајката и ја стави на градите раката украсена со скапоцени прстени.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Лордот Хенри Вотон и сликарот на портретот, Холвард Бејзил, се ставаат во улога на исцелители преку реченици што се референца на нивната животна филозофија: „Ниту една жена не е гениј... жените се украсен пол...
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Повеќе