умереност (ж.)
Но великодушноста на Србите е само затоа да ја покажат умереноста на својот апетит и справедливоста на нивните барања: Ете, не го сакаме тоа што не е наше.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Умереност преточена во генијална изведба на контраверзниот интелект.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Навлегувам во нова фаза, најдобар спој од сите тари и добро познати умерености, опуштеноста, аналитичката промисленост, посебниот шарм и добронамерност се моите основни инстинкти.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Може да се рече дека синтагмата и башка и барабар, изразувајќи ја состојбата на златна средина, односно чувство за мера, умереност, воздржаност, претставува цивилизациски модел како да се сочуваат зачуваат традиционалните вредности на својот народ, но и да се споделат како заеднички со сите етнички и верски заедници на времето.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Страв и восхит
Претпоставка:
Македонскиот крал
премногу го сакал светот
и премногу можел
и премногу претчувствувал
немал време, хронично немал
но сепак доволно
за да ги поремети
дозите предвидени за рамнотежа
на Просторот, и самиот
без смисла за умереност
- хармонијата е нешто друго, сосема
само предозирана волја, отровен концентрат
само неповторлив порив, рев по далечното
- туѓината како вечно искушение!
само силна страст по странствување
per se, дури и во јазикот
само вродена дарба
да и’ се тутне на смртта
грациозно, пагански
под здолништето
додека Оваа си игра
божем случајно
криенка-миженка
митска мижитатара
само сензибилитет за походи
општа хиперсензибилност
- просто да се спростре
врз далечниот Исток
ко полна месечина на полноќ
- просто да го освои светот
како туѓа жена
со чувство на нелагодност
а забраната стимулира
срна истрчува на пусија
во заседа, балканско дувло
империјална глутница
избришани, заташкани траги
имагинарно писмо
толку голема моќ
што се втиснала во потсвеста
за век-и-веков
жиг на восхит и страв
од повторување
од повторување
на судбината...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Осумнаесетото лето откако почна животот, Иван, функционираше како прецизен механизам на часовник, се во одредено време: фудбал, стихови на класици, француска граматика, одмор. Беше и амбиција и умереност.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)