услов (м.)
Синко мој, нема подобри услови и подобри времиња, без подобри луѓе, без работа и без саможртва.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Видов дека ситуацијата со ранетите е многу лоша. Приближно триесет многу тешко ранети. Условите многу примитивни.
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“
од Тодор Чепреганов
(2001)
Како можел да делува совесно, во многу тешки услови на живот, и при тоа да ги брани одбележјата на културата, уметноста, јазикот, како се изборил за привилегијата: да бидат сочувани сите овие богатства?
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Во случај на понатамошно користење или дистрибуција морате на другите јасно да им ги дадете до знаење условите под кои е лиценцирана ова дело.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Всушност бев рекол дека секоја иницијатива е в ред но под услов да не се пречекоруваат границите на разумноста.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Секој од горенаведените услови може да биде поништен ако добиете дозвола од носителите на авторските права.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Услов е да бидеш едноставен, скромен човек, за да навлезе светлината на ангелот низ тебе.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
При таквите географски услови јасно е оти Македонците не можеа да се ослободат од Византија и готови беа да му бидат сојузници на секој непријател што ќе војува против Византија.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Да работи и да се труди може човек и при постеснети политички услови.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
И така, сите услови за националната преродба на Македонија се имаат на лице, па и таа преродба и од гледиштето на втората историска теорија за образувањето на малите етнографски единици од една поголема на Балканскиот Полуостров е совршено логична.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Уште од времето на паѓањето на Самуиловото царство Македонците не еднаш правеа силни востанија против Византија, многу посилни од Бугарското во времето на браќата Асановци, но не можеа да се ослободат, зашто кај нив се други географските услови, а кај Бугарите други.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Со маневра се овозможува постигнување надмоќ на тежиштето на борбата во решавачкиот момент или наметнување борба на непријателот од подобри услови за нас.“
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Кои се тие да поставуваат такви услови и во чие име?
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ми се чини дека точно приодот од видливо кон невидливо ја покажува, меѓу другото, и сега апсурдност на психеделичката уметност која докажува дека преку стимулантното дејство на психоделичкиот фактор личноста може да ги продлабочи своите доживувања на надворешниот свет и дека свеста спрема себе си ја проширува на тој начин што доаѓа до активирање на непристапните региони на психата кои во нормални услови остануваат скриени во пределот на несвесното.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Главниот услов за културна работа не е полната политичка слобода, а моралната воспитаност на народот и на неговата интелигенција, сознавањето на моралниот долг пред народот кај секој член на тој народ.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Царски е патот на змиите:
ја сечат отмено поврвнината
на брановите, легнуваат по карпите
тивко, како сонце на залез
се лизнуваат меѓу нозе
очи в очи се судираат, исчезнуваат
без страст, без отров
секогаш совест од којашто извираат
водите, се ведат змејчињата
за да се одржи невидливата рамнотежа
- услов без којшто не може ништо на веков.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Спротивно од ССМ, КСС велеа дека ако работникот, кој бил отпуштен од работа поради деловна причина – на пример, поради издавање на деловна тајна, според тогаш постоечкиот закон, работодавецот требаше да провери дали може да го врати работникот под променети услови – сега таа одредба се брише и тоа било во согласност со директивите на ЕУ!?
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Што значи тоа да немаш елементарни услови за работа?
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Штом е така и штом образувањето на народноста е политичко-механички процес, тогаш се имаат сите нужни услови за одделување на Македонија во самостојна етнографска област: Македонците имаат општа татковина, последнава постепено со реформи се одделува во самостојна политичка целина, во неа има „неколку колца од јужнословенскиот јазичен синџир”, тие колца многу лесно се обединуваат со општото признавање на средното од нив за општо орудие во искажувањето на литературната реч за сите интелигентни луѓе во Македонија и за во книгите и во училиштата.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Кога ќе се подобрат временските услови, сите ќе учествуваат во пошумување на голините во непосредна близина на градот.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)