утрина (ж.)

Како што беше вистина и онаа пролетна утрина, додека на горниот крај на селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот и младичите го играа Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа на неговото лице, исто онака, како кога беше многу лут татко му, но Змејко сега можеше добро да знае дека тоа не е од никаква лутина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Од темни зори на утрини летни до никоја доба на вечери зимни тој гладно пие тагата наша и потта и крвта и снагата ни.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Секоја утрина се будам млад како сонцето што далгите но сонот ги позлатува.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Слушаше понекогаш до утрини кога ја составуваше својата варијанта на вистината.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Утринава, кога заврши тоа второ негово јавување таа се сврте кон огледалото заглавено помеѓу тоалетот и шифоњерот и се погледна в очи.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
УТРОТО НАД НАС Од далечнините модри се веат на с'лнцето златните далги, од далечнините модри се леат на утринта росните влаги.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Но тија росни утрини пресни копнат во гради и тлеат.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Козите на Чанга се држеа настрана, уплашени уште во утрини да не ја сетат врз себе незадржливата снага на Сталин. Тие добро знаеја како стега Сталин.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Да, солзите на навредените целата утрин кобеа лошо над моите Ко трендафил алов црвенеа децата кутри: остро ги укорив своите.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Ќе се каже кога пристигнува возот со децата и ние, од рани утрини, ќе се наредиме на станица.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во главата му шумеа зборовите на командантот, а во душата го болеше: сета надеж, сета онаа одушевеност, со која што утринава дојде овде, пропадна и како да се потопи во матните води на блатото.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Утрина рано ќе го дожниеме тоа што ни остана, ќе видиме некого да го оставиме за говедана да ги има на мукает и да ги рани, и ќе одиме.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
По утрини росни, по мугрите пресни, наведени ничкум по полињата родни зачмаени ние го береме.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Ја понесе од тоа само леснината на трезноста, од која чекорот му стануваше поцврст, а задоволството со себе заминат и од целата таа утрина сега можеше да му узрее во радосна насмевка, што ја сети во своите очи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Работеше нешто, повеќе белешкареше, за она време додека Змејко беше бригадир на градежната бригада, тоа време имаше доста такви белешкари и евидентичари, крај оние што работеа и што се натпреваруваа, а кога Змејко откажа да остане бригадир, тогаш уште првата утрина старецот ја изнајде некаде и ја зеде под мишка една стара заборавена и извалкана од рѓата синдикална книшка од 1922 година, што се беше сочувала меѓу алатите и отиде со неа кај Претседателот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Та покусата нога на оној и не се познавала толку многу, била само белег, по кој сите други ловци од селото во тоа одамнешно време можеле да ги распознаваат неговите стапалки во снегот додека излегувале во утрините од селото и да знаат дека тука, пред нив, порано од нив, поминал тој - па човече, ене ја онаа негова патрива нога.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пријателе, таква нитка светна утринава и во твојот стих.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Се смееше на сето она, што го доживеа минатата ноќ и оваа утрина, а смеата сѐ уште продолжуваше да извира од него во палави клучеви и не сакаше да престане.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше задоволен што успеа да им го клоцне од под нозете барем за оваа утрина оној нивни задран начин на размислување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На овој рид ќе те оставам и кога ќе заминам пак да те гледам Голема. За неколку нови чекори недостижност ме остави утринава зад тебе.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Повеќе