шурка (ж.)
Детето цица, ги подотвора очињата, потклоцнува со ножињата и една мала шурка млеко му се одблиснува на обравчето.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Мансардата оживуваше, се отвараше со магија на цвет да ги пушти во себе разнобојните шурки на светлината.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Во оваа ноќ низ згрчените прсти на гранките нема да се слеваат лепливи шурки на месечината.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Имаше впечаток како сѐ околу него да набабрело и прокапало, дури сега можеше да ги види и да им се радува на покапаните капавици од својата стреа, што се цедеа во густи шурки и ја длабеа белината.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Онисифор Проказник клекна до мене. „Тој е зад ридон, така ли е?“ По белегот на лицето му се лизгаше жолтеникава шурка сонце.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Сепак зелено мирисаат пченки и ти раскажува некој со зелен глас: ако не се фатиш за нешто, за шурка небесна светлост или за опаш на магла, ќе се струполиш во шуплива бескрајност - ни над тебе ни под тебе нема ништо.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Виде и дека е итра, и дека сигурно одоколу ќе покаже благост, за да ја скроти пред него својата сила, која избива грдо како шурка од дупнато црево.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Кап - кап - кап - саде капка по капка капе во коритцето - бигорно... и тенка шурка тече удолу... нема сила што да ја запре водата - кајшто течела ќе си го длаби патот - ќе тече... Бигорна тишина...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Видовитиот, некогаш Дмитариноарие, подоцна Дмитар-Пејко, припокриен со запалени гранки без пресметаност на ќумурџиско умеење, се спровирал од својот гроб во шурки чад, патувал невидлив и се враќал со свиркањето на ветрот барајќи ѝ ја трагата на дружината и наоѓајќи ја само ноќе.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со последната нишка од сознанието чу само уште како заплиснуваат, просто сливајќи се, шурките од неговите капавици.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)