ѓуле ср.

ѓуле (ср.)

Неколку дена подоцна директниот погодок на топовското ѓуле го распрсна по тврдата, заледена почва.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Едно ѓуле го погоди востаничкото црешово топче и топчето се распадна пред да успее да ги пресретне со своите ѓулиња непријателите...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Едно ѓуле паѓа на лединката и еден војник скока, како јунец.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Прсти пикна во ушните шуплини и стега за да не го слуша заглушувачкиот и развлечен свиреж на ѓулињата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Но јас научно сум утврдил дека се работи за еден единствен човек и тоа ќе го изнесам пред светската јавност на Берлинскиот конгрес Дедикар Икарал се родил со крило на левата рака и со ѓуле на десната нога.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Едо, здогледувајќи ѝ ги нозете над коишто високо се вишеа нејзините рамена, почувствува во себе некоја сила што чиниш сакаше да го фрли кон неа како ѓулето од топовската цевка кога ќе прсне капислата.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Не можеш да пукаш, се усвитила цевката, се топи железото и не го фрла ѓулето. Заглавува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ѓулињата од нивните топови постојано експлодираа на позициите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ние сме внатре во истрелано ѓуле и одиме неповратно право кон целта.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Кога утрината се разбудив, главата ми беше тешка како оловно ѓуле; пиев цела ноќ со Земанек во студентскиот бар, каде пристапот на средношколци им беше забранет, но Земанек и јас имавме еден пријател (брат на контрабасистот од нашето несудено џез- трио).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Умните работи се излижани од употреба и заборавени. (Вади од торбата крило од жица и партали и синџир со ѓуле.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Крилото го става на левата рака, а ѓулето на десната нога, говорејќи го текстот.)
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
И мисли дали наредното ѓуле ќе ја одмине или ќе ја погоди и дали ќе почувствува болка или веднаш ќе ја разнесе.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Џамијата ќе настрада од топовски ѓулиња, за време на Турско-австриската војна...
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Брзата струја го поземаше, го вртеше околу коренот на врбата, го пикаше во муљта долу, само не можеше да го излаже, тој ѝ ја дозволуваше на струјата таа игра само затоа што му беше убаво, оти му ги разбркуваше сите мисли од главата, остануваше само една: да не биде прелажан, навреме да насети кога таа сака сосема да го сплетка во жилите на врбата или муцката да му ја напика во тињата, ама тој тогаш со едно турнување со нозете и со едно замавнување со рацете како ѓуле излетуваше на плиткото веднаш зад врбата.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Да бевме во ѓуле, само да бевме во ѓуле. Во кртична дупка. Ах, ти црна иронија!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Мајка ѝ на Тодора навистина ја викаа Јана, ама ибн Бајко, иако јуришаше на Тодора како на кула, извојува кај неа само една победа - кога ја натрти и ѝ го пушти семето како ѓуле далечинско.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Му се чинеше и повисоко одошто е, кога уште ќе замислеше дека горе, изделено од рајата, е сѐ што вреди, седиштето на валијатот, уќуматот, беледието, а заградени од ѕидиштата се и сите големци на градов, нивните куќи и сараи, богатствата, анамите и слугите, а покрај нив војниците, магазите со жито, складиштата на муниција, топовите, ѓулињата, јаничарите и нивниот јаничарски началник, што го викаат коџа-ага, па јузбашата, церибашата, дури и спахискиот ќаја е тука, ама и големиот мула не може да биде надвор од ова место, зашто нему му даваат дваесет ќесиња годишно.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)