јатаган м.

јатаган (м.)

Тој зеде в раце оружја огнодишни, а в уста стегајки остар јатаган.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Тогаш садриазамот се подисправи во седлото на коњот и со слободната рака, во другата, во десната, го држеше јатаганот, го извика кај себе.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Некои од младите мажи се обидоа да побегнат уште неврзани и паднаа од јатаганите и пиштолите на сејмените.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Но тогаш го чул извикот на имењакот со златна обетка на увото да се влезе во крвавата тепачка со исти такви јатагани или со сорови и секири.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќето од нив имале пушки и кубури, запленети опинци и нешто пари, барут, тутун и јадење - леб и тврдо планинско сирење, додека другите, оние понеснаодливите, се задоволиле со јатагани, ками и ножови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Никогаш не сум запнал ни јатаган, ни сабја на појас. Не носам ни мало ноже. Ни во облекувањето не сум внимателен.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ја крена раката во која го држеше јатаганот устремен кон местото од каде што дојде пукотот, но неговото тело, колку да беше крупно и силно, малакса.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Утредента селаните го најдоа мртвото тело на арамијата, а неговиот бес што умира беспомошно го видоа во јатаганот: во претсмртниот час успеал да го закопа дополу во меката земја на ливадата на Бошка Манев.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Садриазамот, наеднаш и страшно, извика Илјери и во истиот миг на врвот на јатаганот го крена лебот од тарунот во рацете на старецот, го сврти коњот во полукруг и го бодна спрема прудолу, спрема Имотот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во појасот тој стави пиштоли, на колкот јатаган и на главата кожениот калпак на деда Гера, којшто го поклопи до под носот.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Бездруго не бил Евреин, и тие не знаеле дали е Турчин или потурченик, бег или одметник од Турците; дури и ако сакал нешто да им каже, не можеле да го чујат - ревеле, тој само безгласно ја отворал устата кога се фрлиле на него и, веќе соборен, без замав со јатаганот и подалеку од белецот, почувствувал удари со ножови, со секири и со колови.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Животот на земјата е понижување, душите бараат слобода во сините височини на ѕвездите; ќе појдат по неа, ќе ги проколнуваат и ќе ги плукаат туѓинците а тие ќе ги сечат со јатагани и ќе ги ослободуваат од печал и патила; сите што ќе останат ќе се растураат по селата и ќе собираат нови литии за предизвикување на смртта - оние што не ќе изгинат од оган и од железо, ќе се фрлаат во длабоки речни вирови, ќе се запалуваат по плевни, ќе се бесат во гроздови на свои јамки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Немој да лажит некого умот да прескокнат, да бегат, зашто ќе рипни на јатаганите и ќе истурит цревата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Претполагаа дека ќе ги стрелаат, можеби ќе им ги пресечат главите со јатаганите и после ќе ги закачат на колје за да се плашат ѓаурите од власта.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Го бапна на земја и тргна да го поведе танецот, доволен што си одмазди за некнежните удари со јатаганот по раце.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Оѕверен, налутен и уште на нозе, тој го извади јатаганот и скокна во ливадата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Крвта бликна и му го облеа лицето, а Толе збесна. Со еден скок го фати сега за гуша Аќифа, му го откина јатаганот и, дури да посегне Толе и дури да го спречат другите ораџии и сеирџии што се загнаа да го откинуваа, Толе замавна и тилот од Аќифовата глава се оддели од другата половина и Аќиф се испружи на сред чаир.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
2 Темни и молчаливи, не само со секири или вили туку некои и со пушки скриени под колите и некои со кубури и јатагани во длабоките појаси, тие дваесет и осуммина продолжиле по покопот да ги влечат чкртавите двоколки по никакви патишта, оние по кои можеле да минат незабележени, и по беспаќа на кои сенките се кинеле со тајна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Додека некои од војниците, по заповед на садриазамот, ги ограбуваа куќите и со јатаган ја ловеа живината, тој, садриазамот, и другите високи военодостојници, исцуцулени во седлата на коњите, стоеја на плоштатката пред црквичката и беа силно завлечени и учудени од идиличноста на местото.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
По оваа молневито свршена работа, стариот погледна во врзаната Анѓа, го испушти крвавиот јатаган, ги рашири рацете за прегратка и се стрча кон неа, ја прегрна и почна да ја целива по крвавото лице.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Повеќе