замор (м.)

Додека заморот на темниот одблесок од бакарниот залез на сонцето не ги совладаше.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Сопнувајќи се на труповите на домородците и на своите или прерипнувајќи ги, сите со некакви грпки на замор врз тилот, Турците надоаѓале од сите страни.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ја гледав право в очи, но не толку отсутно колку што можеше да се очекува по толку големиот замор, со последните атоми сила што ми преостануваа.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Или птица кружи Или замор надојдена дише.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Го беше совладало чувството на замор.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Колку и да е интересно разгледувањето на овој музеј, полн со разни гробови на француски великани, потоа со сето она што останало од историјата, неусетно ве зафаќа замор кој затапува.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Со чекор на слепец чиј инстинкт е недостижен, врел и смекнат од замор, дојдов до својата хотелска соба со избледени тапети и прозорци свртени кон широка и жива улица и се фрлив врз жолтата покривка на креветот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Иако екстази може да го зголеми уживањето во сексот, преголема количина создава еквивалент на алкохолен замор и ејакулацијата е речиси невозможна дури и при најнасилни обиди на мастурбрација.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Меѓутоа, единствената личност што мене ми остави впечаток за време на ова интермецо на мојата вработеност – тоа беше кондуктерот во трамвајот кој со својата алатка за дупчење билети ми го поништуваше денот; ќе го кренеше тоа парче хартија, мојот неделен возен билет, ќе го вотнеше во отворената челуст на својата справа и некакво невидливо мастило на него ќе поништеше два сантиметра – и еден ден од мојот живот – еден скапоцен ден кој ми носеше само замор, ниту приближно со онолку пари колку што ми беа потребни за да ја продолжам таа бесмислена работа.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Штом ќе излезела од храмот променета, просветлена и ведра, благословена од Бога, почнувала со секојдневното сновење: од чистењето на храмот и на иконите до спаструвањето на пилињата и на кутрињата, од тимарењето на кравите и на телињата, до последното скалило на камбанаријата итн., и тоа со ред, со усул, без тегоба, без жалба, без замор.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Напладне, кога ние децата бевме обземени од игрите во дворот, мајка ми ќе ги собереше последните сили, па од брашното донесено од татка ми, се обидуваше со нови волшепства, со играта на своите прсти, кои како да не го имаа заморот на телото, во пресметувањето со секогаш истото тесто, да ни подготви нов ручек, различен од вчерашниот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Камчето во матарката на Шишмана тропаше во некој чуден ритам од кој едниот од војниците почна да чувствува замор.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
На аеродромот во Атина тој немаше време да стане свесен за својот замор зашто таму веднаш го сретна некој Јани кој, бидејќи значително помлад, а веројатно и доволно љубезен, му го подзеде малиот куфер и се пикнаа во некаква негова кола.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Сеќавањето копаше по своето дно а сепак тоа беше прва престава со разбудувањето, тој настан виден во едно далечно детство, во овој ист град, сонлив и удавен во здодевност и замор.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Нас децата, блажени од среќен замор, бргу нѐ надвлада сонот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Чувствуваше сладок замор, чувствуваше потреба од вистинска, здрава починка.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ужасниот замор од работата му ги беше исцедила сите сокови од телото, оставајќи зад себе само една немоќна конструкција од нерви, коски и кожа.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Се повлекуваме во хотелот. Заморот го чини своето. Тешко заспивам. Премногу се случи за еден ден и една вечер.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Чувството на замор му се врати и колку што повеќе возењето траеше, тој толку поизморен се чувствуваше.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Со непочитување го прекршив знакот на замор на моето лице.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Повеќе