миг (м.)
Видоа дека тој миг можам и со смртта да сум среќна и ме послушаа.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
„Па, не можам сега да престанам. Наскоро ќе дојде мигот. Ќе бидам добра, прости ми.”
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Не можеше во тој миг да го погоди текот на неговата мисла.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Но остануваат блескотните мигови...
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Во овој миг не можам да се чувствувам поинаку, освен превосхитена од Вашето внимание!
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Тој космички миг на среќавањето со мртвото тело на Рацин на плоштадот, покриено со знамето на земјата, на неговата земја за која живееше, страдаше и пееше, тој молневит душевен потрес, таа отворена рана, страдалничка, на елегичните стихови на неговата Балада што нѐ сплоти сите во плач и липање беа, можеби потсвесно, но длабоко во чувствувањето и мислата оној никулец што ги откриваше како еден нов, дотогаш непознат свет на болката на постоењето и на убавината на зборовите, мојата чувственост, мојата приврзаност и определба за поезијата.
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
По тоа влезе, зашара со батеријата наоколу и во еден момент кога светлината го закачи малку, Мече за миг му го виде лицето: под убава светла коса, сега извиткана во кадри, го гледаше по малку горделиво лице, посипан со сиви дамки.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
1. Не гасне светлината на тој гласот да го запрета свој во молк што треба пред големото зло од друго зло што иде во мугрите на виделото Тоа што сенката од нив да му ја изгони сака Сега е веќе мигот да се замине што повикува со стариот копнеж на битието во трепетот на крвта Будната роса на челото светлината на утрото ја позема пат правејќи низ мракот Вика гороцветот со муграта во пазувите
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
И можеби не само за тоа додека за миг се наднесуваше над мене и ги криеше со влакнестиот подбрадок и своите очи и птиците.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
За делче од миг низ неговото сеќавање поминал настан од неговото најрано детство: неугледна старица од некое планинско село дошла на еден Велигден во полна црква и со голем крст во рацете го надвикала свечено облечениот поп барајќи од набожниците да појдат по неа во доброволна смрт.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нека никој не се осмелува да ми каже дека дури и за миг на потрошувачот му паѓа на памет фактот дека тој со отпадот што го плаќа и расфрла ја загадува околината и си го загрозува здравјето.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
И во следниот миг видов млаз кон мрежата; миг потем видов светлина, страотен блесок, десет илјади пати посилен од Сонцето, како очите Господови; таква светлина никогаш во животот немав видено, господине судија; светлина еднаква во сите свои делови, виолетова, облак од светлина што не е во едно време убав а во друго неубав, ниту за едни е убав а за други – не; таа светлина траеше само еден миг, кој ми се виде цела вечност, и јас знаев дека и Јан Лудвик ја гледа таа светлина од прапочетокот, и како бев вон себе, исплашена, во шок, јас бев среќна што Јан ја виде таа светлина, уште еднаш.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Само за миг погледнувајќи крај себе виде одамнешна познаница чија слика некогаш ја чувал в џеб.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Но мене ни во тој последен миг од моето умирање претседателот на Републиката не ме заборавил.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Античкиот град молкум
го напуштаме
ги памтиме звуците
на животот
пред катастрофата
и се разбираме
со чкрботот на забите
и случајните крици
кои личат на оние
од мигот на уривањето.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Набргу во тишината беа чујни дури и нивните крадешки чекори, а одвреме навреме можеше дури и да се види како по таа белина напред прострелкуваат понекаде и нивните издолжени прилики, кои се искриваа уште првиот следен миг, оставајќи во погледот само една колеблива игра на причинувањето.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Жените навистина стоеле пред големиот миг на надежта да ги врзат мажите за постела.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
За миг ѝ се стори дека се наоѓа над езеро полно со лотоси.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Имаше кучешка муцка која се обидуваше да се насмее, но никогаш не го правеше тоа, задржувајќи ги кисело развлечените усни како оптегнат ластик подготвен во секој миг да се ослободи од стрелата свртена кон оној што беше пред него.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)