студи (несв.)

Ги поткреваат мрзливо главите, како да сакаат да видат од кај студи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пак студи во Москва и пак ми треба твојта прегратка. Многу ми треба таа прегратка со вкус на цимет.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
И знам дека штом таа сина точка биде доволно згусната, ќе тргне кон мене ширејќи се во некој облик во некој нов настан што ќе го доживеам, што ќе ми донесе нова страотност и веќе ми студи од страв.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Ноќта му студеше. Неколкупати стануваше да го спотне огнот и да се грее.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Не знаеш ни до кај студи, ни дали има повеќе од тоа.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сме пропаднале до појас во 'ржите, росата ни ги студенка колената.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Студи, а мене капки пот да ми се тркалаат по слабините.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сакав да викам на помош, ама грлото од страв ми беше стегнато, а сето тело ми трепереше како да ми студи, иако температурата во Египет тој ден беше околу четириесет степени.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
На сите им студи, вели, некои собрани во купче се пикаат еден во друг и се тресат, се пореваат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Не се бранеше, Проказниковите обвинувања не му ја засегаа душата, но бездруго му студеше или се срамеше од извалканоста на своите гаќи околу кој се мавташе долг учкур.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Подбрадена со една црна шамија, едно палтенце подебелко да не ѝ студи, место опинци обула чевли, со танки чорапи — небарем на бања ќе оди.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ќе црпите со лопатите за да не се накиснете оти сега е зима и студи, ќе настинете.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Во плевната растуривме малку слама и фрливме едно старо ложниче одозгора. И тука легнав, се расчепатив, со проштение. Студи, ама што ќе правиш: си се нашол.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Навлезена е длабока есен и дува, студи, по коски те удира.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Беше есенска вечер, студеше, а јас зачитан седев крај огништето и со песните за Крали Марко ја шетав Стамболската чаршија, влегував во ладни меани, делев јуначки мегдани...
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Ми студеше на душата од празнотијата и самотијата.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Заспа. Беше топол септемвриски ден, но јас знаев дека нејзе ѝ студи, знаев дека тој студ ја тера да сонува зима и мраз, сонува како е оставена некаде сама, и на неа паѓа снег.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Надвор расцутените дрвја прекрасно мирисаа, имаше многу бубачки во травата, и беше топло, а мене необично многу ми студеше. Сиот треперев.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Тоа утро кога не се смилуваа ами преку врска го примија в болница, тоа утро му студеше на лозарот, а немаше топли чорапи, тоа утро лозарот од Неготино потајум и во себе се прашуваше - ако докторите доцнат, доцни ли и смртта?
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Толку многу ми студи што ми се чини дека ќе се раззрнам од тресење кое дури и коските ми ги соборува.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Повеќе