трепка (несв.)

Осамена пеперутка во ѕвездено оро неуморно трепка и талка...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Боже, помогни ми... Пред мене се јавуваат лоши слики, светулки во мракот трепкаат... сон ли е? -или јаве...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Трепкам со очите, ама сѐ ми се чини дека некој друг човек гледам во огледалото.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Љубовна луња на усните на млекарката што пее квечерина и Одот нејзин што отвора тајни врати низ кои се гледаат Белата грива на детството Грозно ронење на твоите години и ѕвездите што ќе трепкаат врз тебе.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Потрчувам да го фатам зелениот човек што трепка на раскрсницата.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Трепка со танките и раскрачени ножиња и влече некои конци по ѕидот, си работи ко плетачка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Како да бев во една од куќите на Кукулино: од огниште на кое виси поцрнет котел се шири црвеникава топлина, удира во луѓето и им ги брише од лицата грижите и годините: светлоста се мрешка по земјениот под, мислиш вода е над кој минува здив на ветар: чкрта стара маса на долги нозе, на неа е дрвена карта со ракија, зад луѓето плашливо трепка око на кандило и потсетува на заборавена ѕвезда под проѕирни партали на пајажина: топло е, животот е далеку од светот на домаќините и гостите, обесената низа лук на ѕидот брани од урокливите очи на темницата зад прозорците. ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Слуша и само очите му трепкаат.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Погледна во компјутерот пред себе. Курсорот трепкаше на местото каде што застана.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Не колни го детето, вели дедо, а сестра ми само гледа и трепка со очите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Влезено е летото, не знам кое време од летото, брезите се јавнати од зеленило, лисјата им трепкаат ко човечки очи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ја сеќавам сталоженоста по заоѓањето на сонцето. Небото е уште светло, но вечерницата веќе трепка.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ноќта, искачен на највисокото ребро на чатијата Мајсторот запеја и низ песната се мачеше Да ја дофати најубавата ѕвезда врз него, За потоа, кога ќе се врати дома, Да ја скрие меѓу навезаните цвеќенца на веленцето Со кое го покрива внучето За да му трепка врз неговиот сладок сон.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Го врзувам Чако, а тоа само трепка и ме гледа зачудено. Потоа клекнува и со десната нога се чеша зад увото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Но Беличот, кој што бргу ја оцени ситуацијата, гледајќи дека инаку не ќе можат да се истргаат од рацете на кондуктерот, што се беше спречил во тесниот коридор на вагонот, го тргна Мечето за ракав и рече мирно, и не трепкајќи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Еднаш, кога училните светилки мрзоволно ќе трепкаат, ќе го сретнам во некоја сенка.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
— Немам ништо скршено, му се оѕвивам и трепкам ко ласица во папратта.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во древниот поцрнет рам уморно трепкаат две чудни очи.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Кога ли еднаш ќе се сврши Ноќва без шум и звук на ѕвона (Таа е шкољка сета сонна и нема нуркач да ја скрши) Ти црна ѕвездо зошто трепкаш колосана со мртва смеа (Ги срони сонот сите клепки и еве пак сум сам пред неа)
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
„Мило, малечко, не се плаши! Не трепери... Јас ќе ти бидам мама...“ - шепотеше, откога се пооддалечи и беше сигурна дека никој нема да ја чуе, дека никој нема да ѝ се подбива, а врапчето лежеше беспомошно брз нејзината дланка и само трепкаше со оченцата.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Повеќе