вкуси св.

вкуси (св.)

Ќе издржиме до купоните и платата од идниот месец... – На децата им здодеа од питите, јуфките... од брашното со вода... децата, пуста јас, со месеци не вкусиле млеко – продолжи мајка ми загрижено.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
на дуњава има многу дупки: дупки во времето дупки на патиштата (кон посветла иднина) дупки во умот и помнењето дупки во историјата дупки на кофите дупки во самите дупки во дупнатите дупки секој глас мигум исчезнува нема довикување, нема ехо нема навивање за нашите нема паради на гордоста нема врескање во маалата нема лелекања во градските населби ги нема ни паролите на пролетерите од сите земји дупнатите дупки се царство на глувотијата, мавзолеј во изградба на глувата глувотија во глувите дупки оглувуват деца пред да вкусат кисела зелка а старците веќе одамна оглувнати го трпат неизбежниот пораз што пред да пропаднат во глувите дупки им го претставуваа како живот некои старци сакаат да им пукне бојлерот додека се тушираат арно ама во глувите дупки и бојлерите експлодираат глуво и на тој начин го даваат својот придонес во размножувањето на општата глувотија во која старците загинуваат од глуви експлозии.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Како што јас посакувам да ја вкусам нивната земја, мажот сака да ја види убавината што се крие под кимоното.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Геро го надигна бинлакот не со двете раце ами само со лактот од едната и не вкуси на јазикот туку подигна долга голтка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Станувам сѐ повеќе таков поединец, кој претпочита да проба, да вкуси, со еден збор човек кој првин ќе ја испита стоката а потоа ќе ја одредува нејзината вредност.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Знам дека по оваа книга ќе следат уште многу нови текстови, уште многу нови шарени и светкави, крцкави бонбони, кои уште од сега нестрпливо чекам да ги вкусам.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Но за тоа подоцна, оти времето не е стигнато, о возљубени; а јас сум познат по тоа дека уживам да сочинувам слова секакви и да си измислувам свои истории што воопшто и не се случиле, ама да изгледаат така како пред очи да ви се; и знам сказанија да преподавам така, со прекини; по малку да ви давам да вкусувате од собитието, од слаткиот мед на историите, како на изжеднет вода што се дава во пустина, капка по капка, за да не го усмрти заситувањето на жедта, на потребата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Оваа летна посластица, за стари и млади, во Софија се консумира во корнети кои, за малку ќе беа причина софијанци ова лето да не вкусат сладолед.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Кристалните прозорци светкаа, увото се напрегна и ја затегна својата слушна опна уште посилно — сите сетила на градот се раздвижија како некаква невидлива внатрешна луња, броејќи ги вдишувањата и издишувањата, скриениот и нејасен дамар на луѓето, слушајќи, гледајќи и вкусувајќи.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
дамнешен запис Татко Секој ден Одеше на кланица Татко Секој ден По малку Умираше. пев (поезијата) Го вкусив Тоа горко Јаболко Тоа диво Миризливо Опасно По Живот Горко Јаболко.
„Вечната бесконечната“ од Михаил Ренџов (1996)
– На ист начин, со бакарен отсјај, свети човековото око кога ќе вкуси дел од посакуваните благодати на нектарот на среќата – зборуваше старецот.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Трансцеденцијата во часовите на неподносливото постоење, бегството преку границите на просторно-временската реалност, натприродните напори да се вкуси, доживее пријатната опиеност на надсетилното е само очајничка нужност на лудило.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
За да вкуси Господ направена е од друго дрво.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Го отна чепот како да активира мина и му го подаде бинлакот на Геро, не да му припука во рацете колку да го вкуси на устињето.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Така го вкусуваше сонот со сета своја сласт, подготвена да стане од спиење и веднаш да се вклучи во активностите на денот, планирани во ноќта во текот на спиењето.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Имамот, убаво се најал, ја пофалил сопругата за јадењето со многу состојки, но кога забележал дека во подрумот нема храна, се онесвестил. Сите весело се насмеаја, вкусувајќи ја варијантата на Мајкиниот имам бајалди.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
- Да ти кажам нешто. Овие топуци што ги гледаш на масава имаат шетано до Кина ама немаат вкусено прилепски ширден.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ем ти иска, ем ти стиска, коментира Димитар, За мене, бозата и кадаифот, секогаш кога ќе ги вкусам, ме враќаат во детството.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
- Баш бош. А ни се посака да вкусиме од преспанските нивички.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Макар што си имаше проблеми со неумереното консумирање храна, Камилски прв го вкуси парчето пита.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе