гривест прид.

гривест (прид.)

На накривеното куќиште била заглавена над вратата икона од оревово дрво: безимен светец со чудесно лице на млад левент во пламена облека и со пламено копје во пребелите раце јава градест и гривест коњ и убива ламја со густ тутунски чад во ноздрите, боде многузаба исклештеност со грбник на костреш, а во далечина, под замагленото лилаво и алово небо, пукаат планини на чии преслапи зарѓуваат капки сонце - тече црна крв меѓу премазни камења, опашот на чудовиштето со последен бес се обвива околу младите нозе на белецот, земјата испукала од морничавост, во пукнатините повеќе се насетуваат отколку што се гледаат змии и гуштери.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Летото помина како убав гривест коњ, истече како безгрижен детски сон, како убава, недовршена жетварска песна.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Гривест ат! Навистина ли видов бел коњ во тоа благо утро во кое и каменот се рассонуваше или пред моите усвитени црнки трепетеше павлака на треска загнездена во мене на овој пат?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Наеднаш врз нив легнала таква тишина што изгледало, ако некој се накашла, сѐ ќе се исчанчи од своето место - некои ќе попаѓаат, трупот ќе стане и ќе појде на скршени нозе да го бара гривестиот белец. За миг.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Десно од нив, не многу далеку од сонцето, се протегаше бела дамка на облак. Личеше на неподвижен гривест белец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На околу педесет години, со силно прошарена гривеста коса, тој имаше изглед на добродушен, веќе малку уморен лав.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Лавот, стар гривест војвода, не се движи. Спие ли, пресит ли е, или е и самиот мртов во оваа ноќ?
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ништо од сето тоа не барав. Не можејќи да си ја објаснам желбата, очекував да го видам гривестиот белец и да му се доближам, со дланки да ја избришам крвта од неговите светкави влакна.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)