камењар (м.)
Три пати подолги ми пораснаа прстите три пати посилно стегнав со забите се наведнав и го префатив вратот на твоите камењари за да те бацам.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Тие тука продаваат пченица, грозје, дунки, зашто ништо во тоа мое село не стигнуваше до цветање, ништо среде тој камењар не врзуваше плод и не стигнуваше до зреење.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Оваа светлина која поучува како најотворено да се разговара со себеси, упатува на оние карпи, на оние камењари кои доколку подолго ги гледаш ќе забележиш дека и не е така тешко да се стане и камен! Дури и - мрамор!
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
И без збор се завртел и сепак знаел дека Онисифор Мечкојад се оддалечува и се качува по камењарот над урнатиот манастир, оди кон никаде ...
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Беше планински чај, Змејко летоска го имаше брано по висовите и камењарите над рудините уште нераспупен, го береше за дома, но секогаш остануваше и тука по некоја китка да се најде.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Марко се свртува и гледа: разградено е лозјето, по меѓата расте млечка и ниска капина, малку погоре се накрева камењарот до подножјето на суриот рид, а над ридот одвај се мрежи бледната синевина на небото, во која секаква појарка мисла избледува.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Јас, Кабида, се капам во света река, се молам во свети храмови, се враќам од ходочастие и тргнувам на друго, како пиле штрпкам изгорени стракчиња по камењарите и наместо да се пресоздадам во сенка на боговите.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Затоа колоната несигурно одеше и со крваво око го мереше камењарот, сивата свирка на нероденоста, пустошта и голотијата.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Еден од партизаните му напомена дека е поарно да се врати в село, да не паднело сомневање на него. Се разделија кај камењарот на сувиот порој.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Пиштеше џипот, се препелкаше, рикаше моторот на угорниците, пропаѓаше во доловите, тропаше по камењарите, удираше со страните по бреговите и го голташе патот.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
И судбината ги расеала нивните куќи по камењарот кога била пијана.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Јас, Aehmenia, од Битола, се капам во свети реки, се молам во свети храмови, цел живот излегувам од едно и влегувам во друго ходочастие, штрпкам по некое стракче по камењарите - и тоа е сѐ.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Талка низ камењарот, бара нешто низ маховината, низ јагликите, во трагите од дивечот, влегува во пештерите, ги ослушкува знаците по ѕидиштата, го одгатнува стенкањето на коските в земи, и дури татне луњата пали огнови, запишува нешто по ридовите, зашто секоја негова стапка е некоја тајна и некој збор.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Се спуштаат тие по трње низ гранки камењари со товарот тежок на зграгореното време по сенката дур им се влечат со чекор премален и сончевото пладне и дождот на неверната пролет Патот негов е долг со пробудените гори во згаснатите очи низ мракот устремени кон солзите на таа што пазувата за навек му ја дари Се враќа сега поетот од домот негов пресен кон старата стреа на ридот во забрзаните води ликата што му ја бара и сенката сал му ја помни И на тој дален пат го придружуваат сите со замолкнатата песна што не знае да молчи и што кон биднината сонувана го води Недооден пат на тагата Воздишката на пролетта го следи кон хоризонтот на незгасливиот збор Се развева тој во замав нов како семе упатено кон отворените предели на надежта Враќање сега е тоа по свршената работа на смртта во часот глув Попусто на ништото таа песната да му ја предаде сака со процесијата тажна на прагот на муграта што огрева
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
И залез е веќе. Бел камењар, црвена земја, ти проштеваат мртвите на твојот обид да им се придружиш.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Претпладневното сонце уште не го заморува погледот што следи постапна брановитост од најближните тревки до сивоста на камењарот над лозјето.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Што призива оваа завеана трага, оваа пепел, Оваа прошетка низ камењар, низ суво билје, Што сака да каже овој јагленосан знак?
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
И навистина, испружена на камењарот, бомбата прилегаше на вол, и така гледаше во нив, тапо и рамнодушно, небаре вол.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Штом го одминаа мостот, меѓу реката и патот како клин се ширеше нагоре затревен камењар.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Од слезот на камењарот се насетуваше тагата на ветерот Виновата лоза во тажновина го пречекува залезот.
„Чекајќи го ангелот“
од Милчо Мисоски
(1991)