мачи несв.

мачи (несв.)

Туку ќе видиш некоја рака ги подотвора прстите, се мачи да се пресегне, да фати некого за коса.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И после ќе се мачам да презаспијам, пак да ми дојде да се видиме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Да го гледаш и да го молиш и да те моли и двајцата раце сте престорени само да молите нешто да молите Дур да слета морна пеперутка и да те гушка и ти да ја мачиш и ти да ја убиеш со едно молчење на сите камења брат да им бидеш и да гледаш како нестануваш полека кожата како ја пробиваш од себе во попладнето од попладнето во припекот како се сокриваш и пак легнат точно кај што си да се најдуваш и да молчиш.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Зјапаа во пијан пајтонџија а тој се мачеше да му докаже на некој невидлив слушател дека автомобилот е најголемо зло за човекот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тоа може да се направи откако ќе се одговори на главните приговори на нашите противници, со кои тие се мачат да покажат дека нема потреба за одделно македонско друштво и дека неговото формирање не е своевремено.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Да се склоневме пред волјата на Европа и четите или да се предадеа или да се оттргнеа во Бугарија, или барем да се направеа некои преговори со реформаторските држави, во кои просто можеше да се рече оти или ќе се оттргнат или ќе се предадат, но нека не го мачат Турците мирното население затоа што може некаде се имаат пушки, тогаш ќе настапеше во Македонија мирно време кога ќе се бараше од Турција да се воведат во полност реформите и да се оттеглат војските од Македонија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тој веќе се повратил и се мачи да си ги најде нозете.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сѐ повеќе ги притискала смртта на оние со кои пошле од своето бедно село што се споменувало само во даночната администрација или во беговските тефтери и се мачеле дури и на спиење од сеќавањето за вчерашните восочни лица.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Долгата линија на надежта при исчекувањето ја испресекуваше стравот кој ме будеше секое утро, стравот кој не спиеше и ме мачеше и во сонот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Татко ми, како секогаш откога се разболе, молкум читаше во фотелјата, со грб кон вратата, далеку од куќата, во ужасната осама со која се мачеше себе си и другите, во која тонеше упорно, тврдоглаво, обземен од сопствената слабост.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
При толку многу нова светлина клепката ми се отвора како златниот капак на џебниот часовник и не може да ѝ се изначуди на глобалната празнина на хоризонтот во која ласерските зраци се мачат да заиграат чочек.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Сите се мачиме да фатиме некое убаво местенце во овој божји свет.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Михајло Горачинов се мачи да објасни дека треба да го знаеме и грчкиот јазик, зашто судбината нѐ одредила да живееме заедно со Грците.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во тоа време уште не ми беше толку близок како што ми е сега, за да можам да му признаам дека ме мачи грозна љубомора и дека зависта ми ја труе душата.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Ми се испушти зборот и се мачам да го исправам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Над мене снегот се мачи да застане на оголените гранки.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Бубачката долго време ѝ доаѓаше и ја мачеше во сонот.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
А вдовицата и двата сина останаа да се мачат низ животот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Се мачи ли да ја разбуди, одново да ја оживи или ја убедува да не ја прогонува по смртта?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Срнчето не сакаше да се обѕрне ни на неговото сено, ни на неговиот леб, тоа не сакаше да ја погледне ни солта, што тој по малку пак долго се мачеше да му ја подаде на својата дланка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе