навикнат прид.
навикне св.

навикнат (прид.)

И двајцата добро знаеме на која жена мислиме само јас отскокнувам кај неа љубопитен и на вишини навикнат не можев да си замислам толку еднолично и неразонодено суштество рамна снага рамен говор несовршенството ме предизвика потсвесно, како што обично се вели правев трикови за забава на народот покажував нови мустри шарпи шешири шпилови стапчиња топчиња кутивчиња бели гулаби за бела магија создавав драмски штимунг го извлекував резервниот маж последниот џокер од мојот долг од што е дупнат џеб, немав време за колебање носев кружна насмевка - рингишпил на лицето каде јас, таму таа!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Тие беа толку навикнати на бучавата на камионите со приколки и на двокатните автотранспортери, што дење и ноќе одекнуваше на автопатиштата, но и на брмчењето на авионите над нивните глави, како и на далечната врева на фабриките, валавиците и леарниците, така што мораа да подзастанат и да ги начулат ушите за да ги слушнат, онака како кога сакаме да го слушнеме отчукувањето на ѕидниот часовник во некоја соба.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Тука, на плоштадот Свети Марко во Венеција доселениците од Македонија неодложно се потсетуваат дека од памтивек се навикнати на печалби и селидби, навикнати се водата постојано да им е до гуша во живеачката, навикнати се и кога пеат да ја колнат туѓината.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Мајка беше среќна, но и задоволна што повеќе не беше во центарот на вниманието. Не беше навикната на тоа. ***
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Градските раководители, навикнати секогаш да работат по директивите на повисокото раководство, колку и да сакаа да бидат самоиницијативни немаа конкретни иструкции како да постапат со козарите и со нивните кози.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тој, навикнат на шеќерот со којшто повремено го прихрануваше и блажеше неговиот одамна признат стопан Брчалото, сега здебелен до отромавеност, попусто секој ден излегуваше од своето скривалиште во фурната, се довлечкуваше до портата и со подзината уста очекуваше од некаде да се појави Брчалото.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Тие, навикнати дома во сѐ да им се угодува, „да им се оди по ќефот“ како што се вели, го задржуваат истото однесување и со другарите.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Поради неговото намалување, организмот ни реагира: слично како што е со билките кои живеат покрај морето и кои се навикнати на јодните испарувања: ако тие билки се пресадат на друго место каде што нема јод - не можат да виреат, боледуваат, венат.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Навикнат да слуша извештаи за побуни во целата своја огромна царевина, кои секогаш ги задушуваше во крв, султанот го повика својот одговорен службеник за Европејска Турција, Хилмипаша, и кратко му нареди: — За дваесет и четири часа сакам мир во твојот реон.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Таму можеше веднаш да се забележи дека верската поделеност, меѓу рисјаните и муслиманите, беше поизразита, незаплисната од брановите на лаицизацијата на која Мајка беше навикната.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Бидејќи директорите дотогаш не беа навикнати на толку ниски приходи, прва мерка која ја применија за да ги задржат високите лични примања е дополнителното намалување на висината на платите на вработените.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Обратно треба да се одбира од оние со и без деца - подобри се оние многудетните зашто се навикнати на бучава, викотници и кавги, па полесно ќе се прилагодат на тебе во твоите „блескави“ моменти, кога се „продераваш“ за нешто за кое само денес си убедена дека е така, а веќе утре не се ни сеќаваш што била темата, поентата и поводот, а за причината ич да не правиме муабет.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Родена во Пиреја, очите навикнати на сините води на средоземието, грчките маслинови гори и паничниот вресок на жегалците летно време, овде, на север, во Македонија, Летка се чувствуваше како со падобран спуштена во непознати предели.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Во последниот камион можеше да види еден стар човек со нечиста брада излепена по лицето, како стои исправено, со глуждовите на рацете прекрстени пред себе, како да е навикнат да му бидат врзани.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Бил беше навикнат на занаетчии, кои возејќи влегуваа на теренот, но слаб русокос млад маж излезе од ”холивудизираниот” шевролет, облечен во работнички комбинезон со масни флеки и во сина тексас кошула, и тогаш Бил си помисли дека човекот бара работа.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Каде ви се? – Ги дадовме! – прифати мајка ми, навикната да одговара прва, кога упаѓаа туѓите војски в куќи, во отсуство на татко ми.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Веќе се навикнати на брборењето на брестот, сфаќаат дека тој нема ништо против нив, неговата караница е со ветрот (кој знае, може токму поради нив).
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
- Плива како делфин! - се восхитуваше некој друг капач, навикнат секој ден да ужива во играта на малиот коњаник.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Секоја Нова година е исто: уште неизлезени од големиот сон, со глави стежнати од желби и вино, со усти суви и жедни за расол и вода, водичка, онакви – баш никакви: неизбричени и ненашминкани, - на телевизија го гледаме традиционалниот концерт на традиционалната Виенска филхармонија и традиционалното ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш на богатите Арапи, Јапонци и богаташи од други џенемии кои, инаку, се навикнати ним да им аплаудираат севезден.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Секоја Нова година е исто: уште неизлезени од големиот сон, со глави стежнати од желби и вино, со усти суви и жедни за расол и вода, водичка, онакви – баш никакви: неизбричени и ненашминкани, - на телевизија го гледаме традиционалниот концерт на традиционалната Виенска филхармонија и традиционалното ракоплескање во ритмот на Радетскиот марш на богатите Арапи, Јапонци и богаташи од други џенемии кои, инаку, се навикнати ним да им аплаудираат севезден.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Повеќе