незаинтересиран прид.

незаинтересиран (прид.)

Не поретко тој нѐ импресионира со својата техничка виртуозност и го привлекува нашето интересирање со своите иновативни експерименти што ја возбудуваат публиката, навредувајќи нѐ со својата безгрижна незаинтересираност за светоста на уметноста и за митската фигура на уметникот.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Шетавме, божем незаинтересирани и чекавме продавачката да се сврти, да услужи некоја купувачка од страната на тезгата со панделки и разни конци и во тој миг да мавнеме по некое копче.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Во библиотеката го чекаше стоплениот стол, отворената книга и незаинтересираните тилови на другите читатели, наведнати над својот дел од масите додека во тишината на читалната се слушаше само повременото превртување на страниците.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Не ни погледнуваше во рибарот, небаре незаинтересиран за неговиот впечаток и мислење.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Исто така, сметаме дека конечно се созреани условите, сосем легитимно, да се постави прашањето за потребата од преиспитување на уставниот концепт на траен мандат на судиите, со сите негови позитивни и негативни аспекти – којшто кај нас се покажа како комплетно промашување, бидејќи наместо да стимулира независност и објективност на судиите, тој се извитопери во концепт кој поттикнува пасивност и незаинтересираност на судската фела за реалните проблеми на луѓето.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Цвета беше немажена, на возраст кон педесеттата година, незаинтересирана за светот долу, во Метрополата, и често остануваше да ја преспие ноќта во Прифатниот центар.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Вешто ги изопачуваше имињата додека прозиваше сериозно и незаинтересирано: - Нека стане...
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
И натаму навидум незаинтересиран ме лизнува по раната и крвта престанува да тече.
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
И мрзливоста, незаинтересираноста, се всушност само тивко издигнување, во срцата, на овој енигматски удел којшто го уништува секој проект и дава наредба на секоја работа да ѝ се остави шанса за неуспех. (стр. 270)
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Зелениот дијамант е пасивен во однос на сите цивилизациски збиднувања, тој е потполно незаинтересиран за човечките потфати сѐ до оној момент додека тој самиот не стане центар на интересирање на човековата алчност по моќ.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Девојката играше незаинтересираност.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Слично беше и кога еден британски таблоид, сакајќи да го драматизира потресниот случај на некој „типичен, горопаден пивопиец и спортски делија од дваесет и нешто години, до уши зацопан во свршеницата“, кој станал геј преку ноќ како резултат на спортска повреда, објави дека првите загрижувачки знаци се појавиле не во облик на хомосексуален порив кај младичот, туку во облик на неочекувана незаинтересираност за резултатите од рагби, во вид на неспособност да разговара со пајташите арпаџици и некоја нова склоност кон саркастичност.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)
Во средниот ред, најназад - Бургошки Бранислав, незаинтересиран за предметите, туку за некакви романи што ги чита скришум и на час.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
За разлика од САД, британските политички и економски интереси во земјите на југоисточна Европа непосредно пред и по Втората светска војна не можеле да ја остават Велика Британија незаинтересирана за судбината на тој дел од светот.
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“ од Тодор Чепреганов (2012)
Братучед ми Никола намрштено и незаинтересирано гледаше, а Кристина чепкаше во ресите на мекиот килим.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Држењето на мачорот беше блага љубопитност што се граничеше со незаинтересираност, но кога, по една минута, или приближно толку, глушецот не мрдна, неговата предна десна шепа се спружи и нежно го поттурна суштеството.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Проловите, обично незаинтересирани за војната, беа обземени од еден од оние нивни периодични напади на патриотизам.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Како божем јас бев единствениот кој заради своето однесување на привидната незаинтересираност или поади друга причина ѝ остава на размислата слобода таа него да го надополнува и да го дообјаснува.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Се разбира пред него се направив незаинтересирана за тоа што донесе тој, и каде го остави, но едвај дочекав по попладневниот одмор да излезе да купува продукти за утре за ручек.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Не значи дека ако е богат и виден дека ќе ми биди убо со него...“ велеше Томето замислено односно, незаинтересирано.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Повеќе