нектар (м.)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Каде ни се заборавените зборови
пред кои запиравме како пред можност
да се најде изгубеното
каде се зборовите дрочни со смрчки
зборовите што нѐ попрскуваа
со нектар и семе по крилцата и ципите
срамежливи и бесрамни
зборовите заради коишто
капаците би си ги склопиле
и би се префрлиле слободно
во другото тело како во свое
во своето како во туѓо
по архимедовиот закон
со озрачени души
да не останеме полуживи и сами вечно
и од јазикот да се откажеме
доброволно, како од љубовта
при сѐ што сакавме
да бидеме заедно
уште, огин-и-ништо
залудно!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
– На ист начин, со бакарен отсјај, свети човековото око кога ќе вкуси дел од посакуваните благодати на нектарот на среќата – зборуваше старецот.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Тоа беше момент на широчина на духот, момент на искрено отварање на Еразмо кон Ирена: како цветовите кога се отвараат пред благиот отсјај на сончевиот нектар што се разлева низ дамарите; како школките кога се отвараат пред налетот на искрите на внатрешните бисери!
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Ги полни со нектар артериите. Ја чувствувам таа сина течност.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)