освојувач (м.)
Пораките на освојувачите на каменот можеа да се сметаат и како нивни епитафи на некогашната голема моќ.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
„Сѐ додека треба да се бранам од физичкото присуство на освојувачот, силата на мојот идентитет ме смирува и преплавува.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
За Правдољубивиот, опседнат со братоубиствената војна, сиромаштијата на државната благајна и постојаната закана на гордите азиски освојувачи, патрицијот припаѓаше на групата сестрани интелектуалци, но крајно немоќни пред непредвидливото тркало на историјата, кое во деновите на агонијата на Царството, сотираше со вртоглава брзина.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Поза
Додека месечината од мракот
парампарче прави во нас
несвесното е распослано
како освојувачот пред Рим
кајшто сите патишта водат
тој што во тебе бара
сличности
со историски ликови
фрески
соѕвездија
твој домородец е
варварин биди
испади го
биди
на оваа гозба нема
ни мудрости ни шлаканици
ќе се сликаме голи и гладни
додека ги јадеме
животот
и лебот на љубовта
и за твојот и за нивниот
мирен
сон.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Вжарен, па испотен камен – тоа е историјата: севезден да ги оплакуваш мртвите и пљачкосаното царство, да гледаш како царството станува вазалство, севезден на штрек да пречекуваш нови освојувачи кои по цели ноќи на месечина низ шепотот испуштаат уплав за оние кои не знаат дека на Инките убаво им стои да се вазали на сонцето, а уште поубаво им стои да се измеќари во Храмот на сонцето.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Ја измери тежината на освојувачите.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Од начинот на одот со крената глава, како освојувачи на светот, па сѐ до величественото држење на ставот, нивната непопустливост...
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Генерации имени и безимени освојувачи ќе се утврделе небаре до вечноста, ќе ги превртеле овие киклопски камења, наредени од претходните освојувачи, ќе воспоставеле свој ред, ќе довлечкале или ќе изделкале нови камени блокови.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Подоцна, читајќи книги со шарени цртежи за прекуокеанските освојувања постепено почнав да сваќам дека најуспешен почетен чекор на освојувачите бил што ги збуниле домородците со необичните ситници (повторно, чудесното огледало).
„Младиот мајстор на играта“
од Александар Прокопиев
(1983)
Бездруго, кога ѝ го избрале името Ервехе кое, на персиски, значи цвет, надвладеал некој персиски ген, со кој биле дојдени отоманските освојувачи и го накалемиле исламот во својот идентитет и, потоа, низ нивните походи во Азија, на Арабискиот Полуостров, низ Медитеранот, го пренеле и на Балканот.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Сите „варвари” што иделе ваму на Балканот, преку море, преку реки, копно имале моќна воена организација. Биле освојувачи на големи простори.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Вентилите го вцицуваа и испуштаа воздухот, реата на тутун од устите на освојувачите, реата на зелен сапун од нивните раце.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Првите записи за баклавата кај Османлиите се сретнуваат на почетоците на царството, уште во 1473 година, во времето на освојувачот султанот Мехмет II.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Кога ќе стигнеле војсководците, новите освојувачи на градот, секогаш тврдината станувала плен на нивните надежи тука да се овековечат.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Жителите на овие региони, сведени помалку или повеќе отворено на робови, постојано преминуваат од еден освојувач под друг, и се трошат исто како јагленот и нафтата во трката за производство на повеќе оружје, за да се заземат повеќе територии, за да се контролира повеќе работна сила, за таа да произведува повеќе оружје, со кое ќе се заземат повеќе територии и сѐ така во недоглед.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Некогашниот аџами оглан беше единствениот на Балканот, но и во Европа кој можеше да му се спротивстави на освојувачот султан Мурат.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Секоја од империите, осудени на неизбежен пад и заборав, како да има свои надгробни плочи во остатоците на киклопските камени блокови на кои беа втиснати пораки со различни писмени знаци, секогаш разместувани од новите освојувачи или од потресите на земјата.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Новите освојувачи на Балканот, Османлиите ќе го наложат новото тројство: шеќер- ориз- путер, од кои првиот и последниот елемент влегуваат во составот на баклавата.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Го обвинуваа арапскиот генерал Амур Бен Ал Ас, освојувачот на Египет во 642 година, кому, прашувајќи претходно за судбината на книгите на Александриската библиотека, калифот Омар му порача: Ако се сите книги во согласност со Куранот, тие се неполезни и треба да се уништат.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Султанот Мурат Втори, Татко на султанот Мехмед Освојувачот, ја изградил оваа џамија како своја задужбина.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)