пласти (несв.)

Зад нив снегот се пластеше. Ќе ги завее трагите... Ама тагата чемерна не може да ја завее...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Уште снежеше. Крупни снегулки во роеви се спуштаа од облаците и леко, леко се пластеа на земјата.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Во шумата полека се пластеше темница. Косо издолжените сенки на дрвјата се распливнаа, во далечина планинскиот срт порасна.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Во свеста, не престанав да пластам семожни аргументи за прелевањата на религиите, од една во друга, започнав да верувам во преобраќањата како мостови на вистините, а не како граници помеѓу нив...
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Долго време незборувани, овие други јазици се пластеа во лавиринтот на нејзината потсвест.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Менталитетот пластен со векови не се менува брзо, можеби се потребни уште децении, ако не и век!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Тука пристигаа и заминуваа, се празнеа и одново се полнеа бродови, донесуваа и однесуваа производи, лични и трговски добра, но и луѓе, судбини, надежи, пораки, усно доверени вести и епистоли забележани со писма кои се читаа, се пишуваа, но и се испраќаа на сите можни страни на морската шир.  Карер го сврте погледот кон разбрануваното море над кое се пластеа сиви облаци.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Во тој миг Цви Корец длабоко во срцето почувствува дека судбината негова, на семејството, советот, заедницата, на целиот овој град, сѐ посилно се заплеткува во големо клопче што се намотува, се пласти и стега околу сите нив заедно од некоја огромна сила спрема којашто секој отпор е слаб, оттука и излишен.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Во крчмата се пластеше млака, нејасна тага, ползеше по голите маси, ги начнувше луѓето.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ете, те, и тој си и гласи работите како нему шо му чини, а не како нам. Не гледаш оти и он тргнал со батакчиите и ене го, не, токо врла надвор пласти снег без да гледа оти сиромасите мрзнеат — ја тешеше Толе Митра и ја галеше по русата коса.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Следејќи го транспортерот зад себе, се пластеа семожни претпоставки и варијанти во мојата свест!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Се набавуваше, по тајни канали, странска литература, се консултираа библиотеки, се пластеа познатите примери за опасностите од козите, но намерно се забораваа книгите за позитивните својства на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
И снегот нѐ преврнува. Паѓаат снегулки, олкави ко кадели. Се пластат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Колку и да се пластеа подоцна во мојата свест албанскиот мајчин јазик, македонскиот јазик на моето школување во Македонија со другите јазици како и српско-хрватскиот, бугарскиот, па францускиот, италјанскиот, германскиот, другите јазици на моето школување, остана жив засекогаш бабиниот аманет од заборавениот турски јазик, бабината синтагма а kapi, во која како да беа содржани пораките на сите учени и недоучени јазици!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Слегнав за да се исповедам и да си го олеснам страдањето од неправдите на кои сме осудени да бидеме сведоци, да гледаме, да пластиме, без можност ниту офка да изустиме. Да си олесниме.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Снегот никако не запираше. Патеките што Бојан со упорност на крт ги прокопа до плевната, до потокот и до изворот, набргу бараа повторно чистење, зашто снегот тврдоглаво се пластеше.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Во него, како северен гегиски пол, наспроти јужниот, тоскискиот пол на идентитетот, ќе се пластат повеќе цивилизациски слоеви.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Очите подруго ми гледаа, ушите поинаку ми слушаа, во мене со друг ред и со друга силина влегуваа зборовите и со друг ред се пластеа.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Има зборови кои не трпат објаснување, тие самите за себе и по себе ја содржат сета содржина пластена во нив во текот на времињата. Таква судбина има занданата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Можете полека, нежно, како што снежи од небото снежно, можете тихо, леко, како што паѓа пердувчето меко, како што шепоти трева кога расте, и како што сонот доаѓа, се пласти, - можете да побарате и да замолите, скромно, тихо, со смирена душа та секој да ве разбере, та секој да ве слуша!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Повеќе